Ова денеска го соопштија руските новински агенции, повикувајќи се на управата на затворот.
Навални, најистакнатиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија и жесток противник на војната во Украина, беше осуден 19 години затвор за измама, непочитување на судот и прекршување на условната казна. Навални и многумина на Запад ги отфрлија тие обвинувања како измислени и политички мотивирани.
Движењето на Навални беше забрането, а повеќето негови главни поддржувачи избегаа во странство. Пред да биде осуден и да биде испратен во затвор, тој живеел во Москва со сопругата Јулија и двете деца.
Додека беше во притвор во предградие на Москва во јануари 2021 година, Навални продолжи да биде трн во окото на рускиот претседател Владимир Путин.
Неговиот тим потоа ги објави резултатите од големата истрага за богатството на Путин и на јавноста ѝ го даде првиот поглед на наводната палата на Путин на брегот ан Црното Море.
Документарецот, кој беше објавен заедно со истражувањето, за еден ден на YouTube го погледнале 22 милиони луѓе. До денес, бројот на прегледи само на YouTube достигна речиси 130 милиони.
Истрагата вклучува наводи за обемна корупциска шема поврзана со, како што велат, недвижен имот на Путин од 1,4 милијарди долари.
Руските власти тогаш негираа сè: "Тоа е повторување на стара приказна. Ако не се лажам, во 2017 или 2016 година прво се појави приказната за таканаречената палата на Путин во Геленџик. Тоа не е точно. Нема палата, тој не е сопственик на ниту една палата“, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков.
Приказната за овој имот првпат се појави пред десет години кога претприемачот Сергеј Колесников објави отворено писмо во кое го повикува тогашниот претседател Дмитриј Медведев да ја запре корупцијата за финансирање на изградбата на палатата.
Извештајот и двочасовниот документарец објавени од Фондацијата на Навални против корупцијата (ФБК) нудат опширен увид во палатата. Од ФБК тврдат дека од подизведувачот добиле детални градежни цртежи, како и список на купен мебел и фотографии од примероци од подот. Со помош на собрани документи и фотографии изградиле 3Д модел на ентериерот.
„Ова е како држава во држава со која владее вечен император“, рече Навални во документарецот. „Направен е така што никој не може да му пристапи од копно, море или воздух. На илјадниците луѓе кои работат во палатата им е забрането да носат дури и обичен мобилен телефон со камера, но ние ќе ѕирнеме внатре.“
Истрагата на Навални тврди дека имотот има површина 39 пати поголема од онаа на Монако.
Според плановите, самиот замок е 17.691 квадратни метри, а се состои од 11 спални соби, неколку дневни соби и сали, приватен театар, кино, казино, две бањи, турски бањи, пекара и „валкана соба“ со непозната намена.
Собите имаат мермерни подови и столбови, а на таванот има раскошни украси по примерот на кралските палати во Санкт Петербург. Тие се опремени со кадифе и богати теписи.
Посебен дел од извештајот е посветен на описите на неверојатно скапиот мебел направен по нарачка од луксузен италијански бренд.
Меѓу наведениот мебел има маса од 56.000 долари и софа од 27.000 долари.
Собата што ја нарекоа „најконтроверзната соба во палатата на Путин“ е салон за наргиле со нешто што личи на шипка за танцување.
Тимот на Навални тврдел дека трошоците за изградба на палатата вртоглаво пораснале поради постојаното реновирање. Уште од самиот почеток се појавиле проблеми со проветрувањето и високата влажност, поради што настрадале многу делови од луксузниот ентериер.
Палатата се наоѓа на 68 хектари земја, но вистинската големина на имотот е и до сто пати поголема, велат тие. Исто така, наводно, прикачено на имотот е и земјиште за кое тие тврдат дека припаѓа на ФСБ, Федералната служба за безбедност на Руската Федерација. Се вели дека земјата на ФСБ е 70 квадратни километри.
Според видеото од дронот на ФБК, имотот вклучува подземно лизгалиште за хокеј, приватна црква, амфитеатар и стаклена градина од 2.500 квадратни метри.
Земјиштето го чуваат вооружени чувари, а над него е прогласена зона за забранети летови.
До палатата има лозје и винарија каде 24 часа се слуша класична музика, која наводно помага во зреењето на виното, изјави за ФБК еден од лозарите од околината.
Тоалетот сместен во лозјето е опремен со четки во вредност од 850 долари, а тоалетната хартија е на држачи во вредност од 1.250 долари, велат од тимот на Навални.
Навални тврдеше дека производството на вино е „многу скапо хоби“ на Путин и дека рускиот претседател им го послужува тоа вино на своите пријатели, вклучувајќи го и кинескиот претседател Си.
Навални, исто така, тврдеше дека тој и неговиот тим откриле корупциски рекет кој го финансирал имотот на рускиот претседател и други приватни трошоци. Наводно, Путин на почетокот на својот мандат се договорил со руски олигарси и богати бизнисмени дел од приходите да „донираат“ на инвестициска компанија, а потоа 35 отсто од таа сума да се префрлат на посебна сметка во Швајцарија.
„Со овие пари му изградија палата на својот шеф“, вели Навални во видеото.
Во 2014 година, Ројтерс пишуваше и за финансиската мрежа околу недвижен имот на Црното Море.