Свет
(Видео) Поплави, испукани брани, населението се евакуира: силно невреме предизвика хаос во Романија

Силно невреме проследено со обилни врнежи од дожд предизвика хаос во неколку региони во Романија. Активиран е црвен аларм за поплави во 12 области. Неколку стотици пожарникари се на терен, бидејќи водата влегла во многу куќи по поплавите, а и браните пукнале.
Дождот ќе продолжи да паѓа и денес, пренесуваат локални медиуми.
На жителите во округот Ковасна вчера им беше наредено да ги напуштат своите домови бидејќи во секој момент постои ризик поројот да однесе сè пред себе.
„Брегот на реката е зајакнат со вреќи со песок, но проблемот е што е многу блиску до куќите.
Евакуиравме 90 проценти од селото“, рече градоначалникот на Добарлау, Богдан Барбу.
Најтешко е за мештаните кои гледаат како сè што изградиле во текот на животот е оставено на милост и немилост на природата.
„Ова не е прв пат, веќе еднаш поминавме низ ова. Ги зедовме сите највредни работи и излеговме надвор. Имаме мали деца, не смееме да останеме“, рече еден локален жител.
Нивниот најголем проблем е како да го заштити добитокот.
„Ги ставивме во приколка и ги однесовме кај чичковци и тетки, кој можеше да ги земе. Останаа неколку кокошки и пилиња. Ги зедовме кучињата и ги пуштивме“, додаде тој.
Додека не помине опасноста, оние што немаа каде да одат се сместени во специјални засолништа.
„Ситуацијата е сè уште критична бидејќи земјиштето е презаситено со вода. Луѓето се исцрпени и исплашени“, рече министерот за животна средина Мирча Фекет, кој ги посети поплавените подрачја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран: Фативме германски државјанин за шпионажа во воени и нуклеарни зони

Иранските власти уапсија германски државјанин под обвинение за шпионажа во чувствителни воени и нуклеарни области, објави државната телевизија Канал два.
Во извештајот , уапсениот е опишан како „еврејски германски државјанин со двојно државјанство и шпион“. Тој беше прикажан во притвор во иранската централна провинција Маркази, а властите тврдат дека е под истрага за „десетици случаи на шпионажа и/или саботажа“.
Според извештајот, тој влегол во Иран преправен во турист, но наводно снимал чувствителни области низ земјата. Во последните денови, има значително зголемување на апсењата на луѓе за кои Иран тврди дека се поврзани со Израел.
Неодреден број луѓе во неколку провинции, вклучувајќи ги Маркази, Исфахан и Техеран, се приведени под слични обвиненија од почетокот на израелските напади врз Иран.
Свет
Трамп вечерва го собира својот тим за национална безбедност поради Израел и Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва во Белата куќа ќе свика клучен состанок на неговиот тим за национална безбедност, на деветтиот ден од војната меѓу Израел и Иран, пренесува Аксиос.
Средбата ќе се одржи во салата за кризни ситуации, а се очекува на дневен ред да се најде и прашањето за потенцијалниот американски одговор на продлабочената регионална ескалација.
Според информациите од повеќе извори, средбата може да означи пресвртница во актуелната американска стратегија на воздржаност. Пред неколку дена Трамп изјави дека ќе донесе одлука за евентуален воен одговор на САД во рок од две недели, но фактот што вечерва го собира својот безбедносен врв укажува дека одлуката може да дојде и порано.
Според очекувањата, на состанокот треба да присуствуваат секретарот за одбрана Пит Хегсет, потпретседателот Џеј Ди Венс, шефот на дипломатијата Марко Рубио, директорот на ЦИА Џон Ратклиф, директорот на Националното разузнавање (ДНИ) Тулси Габард, началникот на Здружениот штаб генерал Кејн и специјалниот пратеник за Иран Џејсон Виткоф. Станува збор за луѓе кои го сочинуваат внатрешниот безбедносен круг на претседателот и кои се вклучени во секојдневните консултации од почетокот на конфликтот.
Свет
Ердоган до Иран: Обновувањето на нуклеарните преговори со САД е единствениот пат до решение

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му рекол на иранскиот министер за надворешни работи дека продолжувањето на нуклеарните преговори со САД е единствениот начин за решавање на конфликтот со Израел и спорот околу иранската нуклеарна програма, објави Ројтерс.
Ердоган денеска во Истанбул се сретна со заменик-шефот на иранската дипломатија Абас Аракчи и изјави дека Турција е подготвена да ја преземе улогата на посредник во повторното започнување на преговорите меѓу Техеран и Вашингтон.
Турскиот претседател оцени и дека израелскиот напад врз Иран непосредно пред евентуалниот почеток на преговорите со САД е „чин на саботажа“.