„Војдан Стојановски и Диме Тасовски се најдобрите македонски кошаркари кои сме ги тренирале!“

Во најновиот спортски подкаст „ПРЕСИНГ“ на ЕКИПА, како гости, најголемото кошаркарско тренерско име на Македонија – Емил Рајковиќ, и долгогодишниот истакнат кошаркарски работник, во моментов генерален менаџер на КК Пелистер, Марјан Илиевски, меѓу другото, одговараа и на прашањето кои се најдобрите македонски кошаркари кои ги тренирале во своите тренерски кариери.

Рајковиќ недвојбено го истакна се уште актуелниот македонски репрезентативец, Војдан Стојановски не штедејќи ги пофалбите за еден од најдобрите македонски кошаркари во историјата.

„Војдан Стојановски е најдобриот македонски кошаркар кој сум го тренирал во кариерата. Прекрасно момче со неверојатен карактер, вистински професионалец… Интересно, Војдан е единствениот кошаркар на кој никогаш не сум морал да му кажам побрзо, појако, поконцентрирано… Едноставно имаше таква енергија во себе, и детерминирана цел пред себе да успее и да има интернационална кариера, па беше јасно уште од таа негова возраст дека ќе успее. И, потоа сите знаеме каква блескава кариера имаше“ – рече Рајковиќ.

Марјан Илиевски, пак, го издвои поранешниот кошаркар на Вардар, Работнички, Фени Индустри, Гостивар… и поранешен македонски репрезентативец Диме Тасовски.

„Јас од македонските кошаркари би го издвоил Диме Тасовски, еден навистина разновиден играч со широки предиспозиции. Кај него мора да го издвојам, тука би го додал и Тони Симиќ, неверојатниот натпреварувачки карактер кој денеска тешко се забележува кај помладиве играчи. Пристапот за вистинско натпреварување уште во тренажниот процес што го носеше со себе Тасовски не сум го доживеал понатака во последниве десеттина години кај помладите генерации. Тие го живееја натпреварот низ тренажниот процес уште пред самиот натпревар“ – истакна Илиевски.

КОМПЛЕТНИОТ СПОРТСКИ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА:

Се вчитува...