Есенската сеидба во Дебарско реализирана околу 60 отсто
- Со есенски култури годинава на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, планирано е да бидат опфатени 197 хектари а досега реализирани се околу 60 отсто од планираните есенски сеидбени работи.

Дебар, 21 ноември 2023 (МИА) - Со есенски култури годинава на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, планирано е да бидат опфатени 197 хектари а досега реализирани се околу 60 отсто од планираните есенски сеидбени работи.
Според Арбен Муладаути, раководител на дебарската подрачна единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство планираните површини се речиси на исто ниво како и минатата есен.
-Од вкупно планираните површини, 194 хектари ќе се засеат со житните култури, од кои 90 со пченица, исто толку со јачмен, 5 со ’рж, додека останатите со хектари со други житни култури. Што се однесува до индустриските култури, на 3 хектари ќе биде застапена маслодајната репка, вели Муладаути.
Додава дека планирано е, најголем процент, 187 хектари, да бидат засеани од индивидуалните земјоделци, додека 10 од земјоделски претпријатија.
- Досега есенската сеидба е реализирана со 60 отсто. Очекуваме истата да заврши пред оптималниот рок, кој е до средината на декември, во зависност од временските услови, посочува тој.
Земјоделците располагаат со сета потребна механизација, квалитетен семенски материјал и ѓубрива. вт/са/
Фото: МИА