Европските лидери сакаат САД, со притисок, да го натераат рускиот претседател, Владимир Путин, да седне на преговарачка маса и да прифати еднаш засекогаш да ги заврши неговите империјалистички амбиции. Ова за француското радио Франс Интер го изјави францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро. Тој изјавата ја даде по одржувањето на самит на европските лидери во Лондон, за завршување на војната во Украина на која прируствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„И втората работа што е толку важна е дека не сакаме никогаш повторно да бидеме во ситуацијата во која се наоѓаме денес. Тоа значи дека Европа мора да биде способна да ја обезбеди сопствената одбрана и сопствената безбедност и дека ги спроведуваме потребните работи за да не мораме повторно да ги прашуваме САД што можат да направат за европската безбедност, за да може самите да го обезбедиме тоа“, изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.
Франција и Велика Британија на вчерашниот самит предложија едномесечен прекин на огнот во Украина, како во воздух, така и на море и на енергетската инфраструктура. Ова пак го соопшти францускиот претседател, Емануел Макрон, зборувајќи за „Фигаро“. Според планот, војниците би биле распоредени на терен само во подоцнежна фаза.
Баро за ваквиот предлог рече дека е предуслов кој ќе овозможи да се потврди добрата волја на Путин да се обврзе на прекин на огнот.
„Тогаш ќе започнат вистинските преговори за мир, бидејќи ние сакаме мир, но сакаме цврст и траен мир, мир кој дефинитивно ќе стави крај на она што се случува на истокот од континентот 15 години“, изјави Баро.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта пак денеска информираше дека в четврток свикал вонреден Европски совет, на кој е поканет и Зеленски, за одобрување конкретни одлуки на Унијата, со цел таа да ги зголеми своите одбранбени капацитети, за да биде посилна, поавтономна и поспособна да се брани.
„Исто така, да продолжи да ја поддржува Украина за да постигне сеопфатен, праведен и траен мир. Никој повеќе од Украинците не сака мир. И, се разбира, ние ги поддржуваме да го постигнат овој траен мир. Мирот не е само прекин на огнот кој и нуди на Русија повеќе време да дојде повторно посилна. Она што го сакаме е праведен и траен мир“, изјави Кошта.
Кошта ги поздрави напорите на американскиот претседател, Доналд Трамп, за преговори за ставање крај на руската војна во Украина, но додаде дека само прекинот на огнот ќе и понуди на Русија повеќе време да се врати посилна.
За тоа што се случуваше во Лондон вчера и во Вашингтон во петокот, околу војната во Украина, се огласи денеска и портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, според кого кавгата меѓу украинскиот претседател и американскиот претседател во Белата куќа покажува дека Киев не е заинтересиран за мир.
„Јасно е дека некој ќе мора да вложи значителни напори во однос на дијалогот со Вашингтон за некако да го неутрализира, веројатно, непријатниот вкус што веројатно остана во Белата куќа по разговорот со Зеленски. И очигледно е дека тоа нема да биде лесно. Истовремено се разбира, многу е важно некој да го натера Зеленски да ја смени својата позиција. Тој не сака мир. Некој мора да го натера Зеленски да сака мир. Ако Европејците можат да го направат ова, секоја чест пофалби“, рече Песков.
Според Песков вчерашниот самит во Лондон немал за цел да се постигне мир, туку да се продолжи борбата, со оглед дека имало барања за итно зголемување на финансирањето на Украина, што според него не е за мировен план, туку за продолжување на воените операции.
Тамара Грнчаровска