Поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ, прв куртули со новите измени на КЗ

Поранешниот градоначалник на скопски Центар, Владимир Тодоровиќ е првиот што ги почувствува поволностите што ги донесоа новите измени на Кривичниот Законик. Тој, во јуни беше осомничен во истрагата „Феникс“ дека како функционер ја злоупотребил службената положба и овластување за проектот „Скопје 2014“. Оттогаш до минатиот петок беше во куќен притвор. По предлог на обвинителот, судот му го укина ова ограничување на слободата. Причината за тоа е што делото за кое беше осомничен, според овие измени што стапија во сила на 15 септември, му застарува годинава. Истрагата за него сѐ уште не е запрена, но, според најновите законски измени, извесно е дека тоа ќе се случи, бидејќи дејствијата ги сторил до 2013, па наместо во 2043, делото целосно му застарува годинава. Од Јавното обвинителство, на проширен колегиум, следната недела најавиле дека ќе ги разгледуваат прашањата за промените на Кривичниот Законик, но дека секој јавен обвинител ќе се води според индивидуалните предмети што ги застапува пред судот.