Агенцијата на Обединетите Нации за палестински бегалци (UNRWA) и Светската здравствена организација (СЗО) повикаа на непречен проток на помош во Газа, пренесува Ројтерс.
„Повикуваме на непречен и континуиран проток на хуманитарна и медицинска помош во Појасот Газа“, рече Тамара Алрифаи, портпаролка на Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток.
Агенцијата соопшти дека е клучно недостатокот на гориво што не стигнал до Појасот Газа заедно со хуманитарната помош.
„Без гориво, генераторите не можат да произведуваат електрична енергија за болниците, пекарите и постројките за отстранување на бигор од водата“, рече Алрифаи.
Регионалниот директор на СЗО за итни случаи за регионот на Источниот Медитеран, Рик Бренан, рече дека една третина од болниците во Појасот Газа сега се нефункционални во време кога медицинскиот товар е огромен.
„Апелираме до сите оние кои се во позиција да донесат одлука или да влијаат врз донесувачите на одлуки да ни дадат хуманитарен простор за да се справиме со оваа човечка катастрофа“, рече Бренан.
Како што јави Ројтерс, испораката на помош за Газа преку преминот Рафа од Египет започна во саботата по интензивни дипломатски напори, но агенцијата на ОН соопшти дека таа не е доволна за да се задоволат потребите на 2,3 милиони жители.
СЗО соопшти дека лековите и медицинската опрема биле доставени до три клучни болници во јужна Газа, но допрва треба да стигнат до северот на палестинската енклава, едно од најгусто населените места во светот.