Connect with us

Банки

Стопанска банка ќе финансира 11 нови проекти за подобрување на условите во општеството за лицата со попреченост

Објавено

на

На денот кога го прослави јубилејниот 80. роденден, Стопанска банка ги објави добитниците на нови 11 грантови за асоцијации на лица со пречки во развојот како дел од шестото издание на општествено-одговорната кампања „Сонуваме.Менуваме“. Оваа долгогодишна кампања на Банката е наменета за подигнување на јавната свест за поголема инклузија на лицата со попреченост и градење подобро општество за сите.

Доделените грантови се во вкупна вредност од 30.000 евра и се наменети за реализација на различни проекти со кои се подобруваат и олеснуваат условите во општеството за лицата со попреченост. Стопанска банка, како и во годините претходно, објави јавен повик до сите асоцијации, училишта и здруженија на лица со попреченост, при што пристигнаа 26 барања.

Специјална комисија на Банката ги оценуваше сите пристигнати барања, по што избра 11 проекти кои ќе бидат реализирани во следните месеци со финансиска поддршка на Стопанска банка и со кои значително ќе се подобрат условите за секојдневна дружба, социјализација и едукација на децата со пречки во развојот низ земјата. Добитниците на грантовите и нивните проекти се објавени на веб-страницата на Стопанска банка. Преку платформата „Сонуваме.Менуваме“, во оваа и претходните години, Стопанска банка има инвестирани над 115.000 евра за реализација на повеќе од 60 инклузивни проекти.

Во рамки на шестото издание на „Сонуваме.Менуваме“ вчера се реализираа и две прикажувања на музичко-театарскиот спектакл „Необичен ден“ во кој главните ликови се омилените јунаци од „5+ Фамилија“ заедно со деца со попреченост. Со впечатлива игра на актерите и нивните пријателчиња со попреченост, колоритни костими, одлична музика и спектакуларни визуелно-сценски елементи, учесниците во „Необичен ден“ пред многубројната публика уште еднаш ја пренесоа пораката дека сите заедно треба да влијаеме на менување на свеста за значењето на инклузијата, со што ќе создаваме свет без предрасуди и поделби.

Претставата „Необичен ден“, зад која стојат Стопанска банка во соработка со ОXО продукција,  ќе се прикажува во Македонскиот народен театар (МНТ) и во јануари.

Банки

НЛБ Банка со профит над 1,6 милијарди денари во прво полугодие на 2025: Силен раст и стабилна визија за иднината!

Објавено

на

НЛБ Банка ја заокружи првата половина од годинава со силен раст кај клучните финансиски индикатори, покажува анализата на резултатите на Банката. Според неревидираните финансиски податоци, НЛБ Банка бележи зголемување на вкупната актива, зголемена кредитна активност и раст на депозитната база, што претставува јасен индикатор за нејзината стратешка посветеност кон долгорочен развој и создавање вредност за клиентите и економијата.

Какo резултат на внимателно имплементираната деловна стратегија во сите сегменти од работењето на Банката, континуираните продажни активности, успешното управување со ризици и оперативната ефикасност, во периодот од 01.01.2025 до 30.06.2025 година, НЛБ Банка оствари нето добивка во износ од 1.610.020 илјади МКД. Засилениот финансиски моментум се рефлектира и кај годишниот раст на вкупната актива од 18,5%, преку зголемување на вкупните кредити кај небанкарскиот сектор од 18,9% и зголемување на вкупните депозити од 17,6%, во однос на истиот период минатата година. Ова ја одразува активната поддршка на НЛБ Банка на деловните субјекти и населението, нејзиниот придонес во развојот на домашната економија, како и довербата која депонентите ѝ ја даваат на Банката.

Следејќи ја својата стратешка определба за општествена одговорност, во споменатиот период, НЛБ Банка поддржа бројни проекти од областа на културата, спортот, образованието и додели донации, одговарајќи на значајни социјални прашања. Со ова, Банката го одржува курсот на одговорно и одржливо банкарство, во согласност со своите, и стратешките определби на НЛБ Групацијата од која е дел.

НЛБ Банка влегува во втората половина од 2025 со стабилни финансиски основи и јасна
визија. Позитивните резултати се основа за оптимизам во поглед на идниот развој. Банката останува фокусирана на иновации, дигитална трансформација и понатамошно зајакнување на односите со клиентите, со цел да обезбеди поддршка за раст и напредок во периодот што следува.

Продолжи со читање

Банки

Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје со одлуки за промени во составот и бројот на членовите на Управниот одбор

Објавено

на

Надзорниот одбор на НЛБ Банка Скопје, на денешната седница, донесе одлуки за ре-именување на постоечки член и именување на тројца нови членови на Управниот одбор. Со ова, Надзорниот одбор го утврди предлогот за зголемување на бројот на членови на Управниот одбор на Банката од досегашните четири, на пет члена во одборот.

Согласно наведените одлуки, Надзорниот одбор ја ре-именуваше Катерина Јанковиќ која е член на Управниот одбор на Банката, со нов 4-годишен мандат, почнувајќи од јануари 2026. Јанковиќ е докажан финансиски експерт со повеќе од две децении банкарско искуство во областа на корпоративното и малопродажното банкарство.

На истата седница Надзорниот одбор на Банката, со мандат од 4 години, ги именуваше Бојан Стојаноски, Драгиша Тадиќ и Кирил Бухов за нови членови на Управниот одбор, почнувајќи од јануари 2026. Членовите на Управниот одбор на Банката, Петер Зелен и Игор Давчевски ќе продолжат да ги извршуваат своите функции до истекот на нивниот мандат, односно до крајот на 2025 година.

Новоименуваните лица официјално ќе ги преземат функциите, членови на Управниот одбор на Банката, по добивање на согласност од Народната банка за именување на членови на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје.

Кои се новоименуваните членови на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје

Бојан Стојаноски е банкарски експерт со над 20 години искуство на високо раководни позиции во банкарскиот сектор, во областа на корпоративното банкарство, управување со ризици, кредитирање, финансиски менаџмент и управување со средства. Во НЛБ Банка Скопје доаѓа од Стопанска банка АД Скопје, каде што од 2020 година е член на Управниот одбор и Генерален директор за управување со ризици. Во периодот од 2012 до 2019 година, работи во Халкбанк АД Скопје, најпрво како Заменик генерален директор задолжен за продажба, финансиски пазари и средства, а подоцна како Заменик генерален директор за кредитни ризици и финансии. Стојаноски е магистер по економски науки при Економскиот институт – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и има диплома по економија на истиот универзитет.

Драгиша Тадиќ доаѓа од НЛБ Комерцијална Банка, Белград, од позицијата Извршен директор за кредитни ризици, која ја извршуваше и во периодот помеѓу 2015 и 2020 година во НЛБ Банка, Белград. Од 2020 до 2022 година, тој е помошник на Управниот одбор на Комерцијална банка, Белград. Неговото искуство е поврзано и со лизинг операции. Тадиќ моментално е член на Надзорниот одбор на НЛБ Lease&Go, Белград, а до 2015 година работеше во ПроКредит Лизинг, Белград. Има диплома од универзитетот во Белград во областа на меѓународната економија и трговија, како и од универзитетот во Љубљана во областа на деловната администрација.

Кирил Бухов се приклучи на тимот на НЛБ Банка Скопје во јануари годинава како помошник на Управниот одбор. Професионалната кариера ја започнува во областа на телекомуникациите во 2001, а во банкарството преминува во 2006 година. До 2017 година работи во Халкбанк АД Скопје каде напредува до позицијата Директор на сектор за информациски системи. Бухов е дипломиран инженер на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде завршува и  магистерски студии по проектен менаџмент. Поседува богато искуство од областа на дигиталната трансформација, кибер безбедноста, банкарските операции и информациските технологии.

Продолжи со читање

Банки

Одржана работна мисија на Светската банка во Народната банка: натамошна поддршка за унапредување на решавањето банки

Објавено

на

Финансиски експерти од Центарот за советување за финансискиот сектор (ФИНСАК) при Светската банка остварија средба со гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески и со надлежните тимови на Народната банка. На средбата се разговараше за досегашните и за идните активности во рамките на техничката поддршка којашто Центарот за советување за финансискиот сектор веќе подолг временски период ѝ ја дава на Народната банка.

Во фокусот на оваа техничка поддршка е операционализацијата на функцијата за решавање банки, во согласност со новиот Закон за решавање банки. Активностите во овој домен се насочени кон подготовка на упатства, работни процедури и алатки што ќе ѝ овозможат на Народната банка ефикасно и навремено да ги спроведува своите надлежности во оваа важна област. Станува збор за практична поддршка при градењето на капацитетите потребни за подготовка на плановите за решавање банки и при оценувањето на можноста за нивно решавање.

Покрај ова, како дел од пошироката соработка, се разгледаа и сегашните активности поврзани со управувањето со климатските ризици од страна на банките. Техничката поддршка од ФИНСАК во оваа област вклучува помош за подобрување на супервизорските пристапи преку вградување на климатските фактори во процената на ризиците на банките, како и за воспоставувањето на климатските стрес-тестови за банкарскиот систем.

Соработката на Народната банка со ФИНСАК е долгогодишна и од неа досега произлегоа значајни постигнувања, особено во делот на подготовката на подзаконските акти коишто произлегуваат од Законот за решавање банки. Решавањето банки претставува важен инструмент за заштита на финансиската стабилност, којшто овозможува контролирано справување со проблематични банки без нарушување на интересите на депонентите и на даночните обврзници. Народната банка и натаму активно ќе работи на зајакнување на регулативата и на институционалниот капацитет во согласност со најдобрите меѓународни практики, со цел да обезбеди сигурен и отпорен финансиски систем.

Продолжи со читање

Популарно