Возбудлива недела-повозбудлива иднина

Македонија погрешна варијанта би била еднострано и безусловно прифаќање на францускиот предлог, за спорот со Бугарија. За нас доволна национална траума ќе биде евентуалниот крај на транс-атланската воена алијанса, во услови на сменето државно име. Без оглед дали тоа би можело да се случи уште оваа година, или за десет години. Едноставно, во вака поставениот светски систем само државите се вечни. Се’ друго е подложно на менување.

Изминативе десетина дена европската политичка сцена донесе неколку изненадувања, кои можат и ќе имаат имаат далекусежни последици. Се’ започна со одржувањето на делумните локални избори во Англија, како и изборите за едно испразнето пратеничко место. Победа однесоа Реформистите, крајно десна полулистичка партија, предводена од Најџел Фараж. Тие успеаа да им го одземат пратеничкото место на владејачките Лабуристи, да освојат две градоначалнички места и да завземат околу 500 општински советнички места. Со самото тоа тие им го зададоа најголемиот удар на двете вековни партии-Конзервативците и Лабуристите. Фараж, по објавувањето на целосните резултати беше слободен да изјави дека Реформистите се сега веќе главна опозициска сила, а Конзервативците се мртви. Изјавава не може да се земе здраво за готово, но факт е дека Конзервативната партија, по загубата на власта, пред не цела година, е во хаос. Од друга страна Лабуристичката партија, која има мнозинство во парламентот, станува уникатен случај. Таа прерасна во партија која на месечно ниво ја губи популарноста. Некадарна да се справи со илегалната имиграција, но и со секојдневните предизвици на граѓаните, го прави своето. Го отвара патот на крајната десница. Со истата тактика, со која Фараж, како европратеник и лидер на поранешната анти-европска Партијата за независност на Обединетото Кралство, ја подели Конзервативната партија, а со тоа го отвори патот за Брегзит, сега го отвара патот кон премиерската позиција. Пријателските односи со Трамп  се само додадена вредност.

Романија не е Обединетото Кралство. Ја нема стабилноста и вековноста на политичкиот систем, но и историјата и економската моќ, на една поранешна империја. Таа, до влезот во Европската Унија, секогаш била периферна држава. Историски нејзините развојни и индустриски скокови, не влијаеле на состојбата на мнозинското селско население. Про-европсктата политичка елита ја продолжи оваа пракса. Членството во Унијата сериозно ја подобри состојбата во градовите, но не и на селото. Војната во Украина, како и големиот број на украински бегалци, дополнително го зголемија анимозитетот помеѓу градот и селото. Со самото тоа ја зголемија недовербата кон политичката елита. Мнозинството на гласачите спасот го побараа во независен кандидат кој споделува крајно десни погледи.

На 24 ноември, минатата година, дотогаш непознатиот Калин Ѓеорѓеску, освојува 23% од гласовите и обезбедува фаворитска позиција за вториот круг на претседателските избори. Вистински шок како за романската така и за европската политичка елита. Два дена пред вториот круг, закажан за 8 декември 2024 година, Уставниот суд ги поништи изборите, заради руско мешање. Државната изборна комисија отиде и чекор понатаму. Му забрани на Ѓорѓеску да учествува на повторените избори. Се разбира, Брисел со симпатии гледаше на ваквиот развој на настаните. И тоа му се врати како бумеранг.

Во првиот круг на повторените претседателски избори одржани на 4 мај, оваа година,  најмногу гласови освои лидерот на крајно десната популистичка  Аијансата за обединување на Романците, Ѓорѓе Симон. Тој освои 41% од гласовите. Двојно повеќе од второпалсираниот кандидат на владеачката социјал-демократска партија. Симон на изборите настапуваше со паролата „Романија прва“. Тој е голем обожавател на американскиот претседател Трамп, а надворешната политика на Романија ќе ја следи, според негови зборови, политиката на италијанската премиерка. Истовремно, тој ја застапува тезата за романска неутралност во руско-украинската војна. Оди и чекор понатаму, со оглед на големото романско малцинство во Украина и Молдова, нивниот територијален интегритет тој го смета за отворен и предмет на преговори.

Се разбира, во овој момент сеуште е рано да се зборува за Симон како претседател на Романија, но шансите се навистина големи. Дотолку повеќе што веднаш по објавувањето на резултатите од изборите во првиот круг, социјал-демократскиот премиер на Романија, даде оставка и ја повлече својата партија од владеачката коалиција. Фактички го подотвори патот и за предвремени парламентарни избори.

Случувањата во Германија, изминатава недела, не можат да се споредат со романските. Тие се поблиску до француските, од пред неполни два месеци. Имено, „следејќи“ го примерот на Франција, германските власти, поточно, Федералната канцеларија за заштита на уставот, ја прогласи крајно десната Алтернатива за Германија за екстремистичка партија. Со тоа прашањето за забрана на, во моментов, најпоуларната германска партија, е доведено до стапен на политичка одлука. Германските политичари, од левиот и десниот блок, ја отфрлаат таквата можност, но таа останува. Дотолку повеќе што со одлуката на Федералната канцеларија, нејзините служби можат сосема легално катадневно да го следат делувањето на членовите на оваа партија.  Американскиот потпретседател, на социјалните мрежи напиша: „…Западот заедно го сруши Берлинскиот ѕид.  И тој е повторно изграден – не од Советите или Русите, туку од германскиот естаблишмент…“. Државниот секретар на САД, Рубио оваа одлука ја нарече „невкусна тиранија“. Германските власти, сосема разбирливо, реагираа на овие изјави и ги отфрлија обвинувањата, но тоа фактички ништо нема да смени. Состојбите во оваа, ако веќе може така да се каже, најмоќна европска држава, стануваат се понестабилни. Фактот дека во текот на вчерашниот ден судот во Келн ја прифати жалбата на одлуката на Федералната канцеларија на Алтернатива за Германија, јасно посочува за „задкулисни игри“.

Изминатиов понеделник, состојбите на германската политичка сцена станаа уште „поинтересни“. Лидерот на Христијанско-демократската партија, Мерц, во парламентот не ја доби потребната подршка за мандатар на новата влада. Осумнаесет пратеници од редовите на неговата партија одбија да го поддржат. Требаше да се случи втор круг на гласање, за Германија да добие нов канцелар. Јасен знак, дека новата германска коалиција е на стаклени нозе. Но, и јасен знак за личниот рејтинг на новиот канцелар. Слично како во Обединетото кралство, во Мерц верува секој трет член на неговата демохристијанска партија. На ниво на држава, неговиот рејтинг изнесува околу 20%. Пред изборите тој изнесуваше 30%.  Веднаш по неговиот избор, тој замина во посета на Франција и Полска. Главна тема на разговорите се разбира е војната во Украина, но и иднината на Европската Унија. Дипломатски, тоа е добар потег. Но, само дипломатски. Во Франција, тој се сретна со лидер, кој од само нему познати причини ја доведе државата во состојба да размислува следниот буџет да биде ставен на референдум. Во францускиот парламент, тешко дека ќе може да помине. Во Полска Мерц се сретна со претседател кој е на заминување. На 18 мај оваа година Полска ќе избира нов претседател, а фаворите се тројца кандидати. Двајца од нив се десничари и националисти.

Секоја држава е приказна за себе!

Внатрешните односи е исклучително тешко да се генерализираат, за да се извлече заеднички именител. Компаративните анализи можат да дадат и даваат можности за одредени заклучоци. Прашање е колку тие можат да ги издржат проверките на времето. Во секој случај, тоа што може да се согледа од изнесениве примери е континуираниот раст на крајната десница во Европа. Нешто што и птиците го знаат. Прашање е дали тој раст е резултат на незадовослтвото на граѓаните од политичките елити од центарот и лево и десно од него, или е нешто подлабоко. За да биде сликата еветуално појасна требе да се земе во предвид и растот на популарноста на крајно левите националистички или анархистички партии. На пример, според последните анкети во Грција, анти-европската  Курсот на слободата е втора политичка партија со рејтинг од 11,6%. Тоа е партија која е формирана пред само две години.

Историски нациите се предукт на државите. Нема нација без држава и нема држава без нација. Зрелоста на секоја нација се оценува согласно нејзиниот однос кон државата. Во случај на внатрешна или надворешна опасност за државата зрелата нација се обединува. Почнува да зборува и делува во еден глас. Глобалистичките процеси поддржани од партиите кои гравитираат кон центарот, полека, но сигурно, го изместија тежиштето на  нацијата. За земјите членки на Европската Унија, додатен предизвик преставува и намалувањето на суверенитетот на државата, а со тоа и на нацијата, разбрана како политичка категорија. Создадена е ситуација во која политичките елити почнуваат да делуваат нагласено глобалистички и еврофилски, игнорирајќи го делот од населението кое сака да биде свој на свое. Обединетото Кралство, тоа делумно го реши со излегување од Унијата. Останатите европски држави продолжија со старата политика. Отворија простор за раст на крајната десница. Улогата на новата Вашингтонска администрација, во конкретниов случај не требе да се занемари.

Триковите од типот на создавање на „санитарен коридор“ за спречување на влегувањето на крајната десница во власта, не решаваат ништо. Само го зголемуваат нејзиниот рејтинг. Во овој контекст од не помало значење се и обидите на партиите десно од центарот, да почнат, по одредени прашања, да застапуваат крајно десни ставови. Едноставно се залажуваат дека на тој начин ќе го зголемат сопствениот рејтинг на сметка на крајната десница. Ништо не постигнуваат! Провидна игра со која не само што го антагонизираат сопственото членство, туку и потврдуваат дека крајната десница има исправни ставови.

Од аспект на земјите кандидати за прием во Европската Унија, продолжувањето на овие тенденции, може да биде погубно. Најголемиот број на крајно десни партии се или против натамошно проширување на Унијата, или за редефинирање на нејзината внатрешна поставеност. Доволно е само  Алтернатива за Германија, на следните избори да добие мнозинство и целата иднина на Унијата да биде доведена во прашање. Со самото тоа вкупната надворешна политика на одредени земји кандидати за членство, вклучувајќи ја и Македонија да биде претворена во „изгубено време“.

Оттука, за Македонија погрешна варијанта би била еднострано и безусловно прифаќање на францускиот предлог, за спорот со Бугарија. За нас доволна национална траума ќе биде евентуалниот крај на транс-атланската воена алијанса, во услови на сменето државно име. Без оглед дали тоа би можело да се случи уште оваа година, или за десет години. Едноставно, во вака поставениот светски систем само државите се вечни. Се’ друго е подложно на менување. Надворешната политика на секоја зрела држава ја следи оваа логика. Македонија не требе да биде исклучок. Нешто за што зборуваше и хрватскиот претседател, пред некој ден во Скопје.

Автор: Јован Донев за НетПрес