Мишиќ со емотивна порака се збогува со Ристовски: Три клуба, безброј спомени! 

Јосип Мишиќ преку својот Инстаграм профил потврди дека Стефан Ристовски ќе го напушти Динамо Загреб. Договорот на Ристовски со Динамо истекува ова лето, а одлучено е дека македонскиот играч нема да ја продолжи кариерата во клубот од Загреб. 

Играчот од средниот ред на Динамо, со кого Ристовски ја делеше и соблекувалната во Риека и Спортинг, сподели проштална порака преку својот официјален профил: 

„Брате, 216 натпревари заедно на теренот! Трчавме, паѓавме, се кревавме и се боревме заедно толку многу пати. Повеќе од бројка, ова се години на доверба, пријателство и крв оставена на теренот. Ти благодарам за секое додавање, секој совет, секоја смеа во соблекувалната. Дефинитивно ќе се видиме повторно, можеби не на истиот терен, но секогаш на истата страна. Три клуба. Безброј спомени. Тешко е да се искаже со зборови колку многу ми значиш како соиграч, но уште повеќе како личност. Низ сите тие години, дресовите што ги носевме заедно и битките низ кои поминавме, покажа што значат лојалност, срце и братство. Ти благодарам за секој момент, од првото додавање до последната борба рамо до рамо. Заминуваш, но трагата што ја остави останува“, напиша Мишиќ.

Ристовски одигра 185 натпревари за Динамо, постигнувајќи седум гола и запишувајќи 19 асистенции. Со Динамо освои четири шампионски титули, два Купа и два Суперкупа.

ФОТО/PHOTO: Dinamo Zagreb/Facebook