Клековски призна: Државата доцнеше – зошто граѓаните беа побрзи од институциите?

од Љубиша Владимиров
47 прегледи

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), Сашо Клековски, вечерва во емисијата „Топ Тема“ на Телма ја објасни причината за побавниот одговор на институциите по трагедијата во Кочани. Тој нагласи дека државата не може да реагира исто толку брзо како граѓанскиот сектор, бидејќи секоја интервенција мора да помине низ строго утврдени процедури.

„Државата е побавна затоа што мора да следи правила и правни процедури. Секој чекор мора да биде во согласност со законот – од јавни набавки, до лиценци и сертификати. Брзањето некогаш може да предизвика проблеми, па затоа институциите се внимателни“, рече Клековски.

Тој истакна дека речиси целата организација на помошта за повредените, како и реконструкцијата на болничките капацитети, е резултат на институционален ангажман. Иако граѓанските иницијативи се добредојдени и вредни, Клековски нагласи дека најголемиот дел од логистиката и грижата доаѓа од државата преку разни институции.

Променет првичниот план – терапијата ќе се изведува во Кочани

Во почетокот, повредените требаше да се третираат во скопските клиники – ГОБ „8 Септември“, Клиниката за пластична хирургија и „Св. Наум Охридски“, каде што постои специјализиран кадар и услови за хируршки интервенции и физикална терапија.

Но, како што се одвиваше процесот, институциите сфатиле дека повредените и нивните семејства се соочуваат со дополнителен стрес поради патувањата и оддалеченоста од дома. Затоа, одлуката е изменета.

„По обуката за физикална терапија на 45 лица, од кои десет се од Кочани, увидовме дека постои потенцијал терапијата да се спроведува таму. Комфорот на пациентите беше клучен фактор. Почна реконструкцијата на одделот за физикална медицина, а планот е сите наредни фази од лекувањето да се изведуваат токму во Кочани“, објасни Клековски.

Според него, на овој начин ќе се избегне дополнителниот психолошки и финансиски товар врз семејствата, а пациентите ќе добијат континуирана и квалитетна грижа поблиску до својот дом.

Слични содржини