Македонија
(Фото) Герасимовски: Улицата Дебарца готова до крајот на месецот, се работи со полна пареа

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во градежните активности за реконструкција на улицата „Дебарца“, каде се работи со засилена динамика.
Во оваа фаза се врши гребење на старата и дотраена асфалтна подлога во должина од 240 метри, по што ќе следи поставување на нов асфалт. Завршена е и реконструкцијата на тротоарот со поставување нов бекатон, на површина од 900 квадратни метри, а поставени се и нови рабници од двете страни на улицата, извести Општината.
„Во моментов сме на терен, каде интензивно се изведува реконструкција на улицата ,,Дебарца”. Очекуваме работите целосно да завршат до крајот на месецот, согласно планираната динамика”, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Aктивностите се дел од пошироката реконструкција на улицата „Дебарца“, на потегот од улицата „Ленинова“ до студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“. Станува збор за целосна санација на коловозната површина од 1.700 квадратни метри.
Овој дел од улицата беше во многу лоша состојба, со сериозни оштетувања кои го отежнуваа нормалното одвивање на сообраќајот, соопшти Општината.
„Со реконструкцијата, ја подобруваме безбедноста и условите за движење, но даваме и нов, поуреден изглед на просторот“, посочи Герасимовски.
Оваа интервенција се реализира во рамки на инвестиција вредна 40 милиони денари, обезбедена од претходната Влада, со намена за обнова на улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“, додаваат од општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) СДСМ со осуда за нападот на Арсовска: Тоа е срам за државата и порака до сите граѓани дека ако зборуваат за криминал и неправда, ќе бидат замолчени со сила

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, најостро го осудува нападот врз официјални лица од Градот Скопје.
Овој брутален напад е последица на атмосферата на страв и беззаконие што ја создава оваа власт.
Овој напад е уште еден доказ дека кога се зборува за криминал, кога се откриваат злоупотреби, институциите не ве штитат — туку ве оставаат на милост и немилост на насилниците, истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Со недели наназад, јавноста гледаше како во Скопје се откриваат скандали, дивоградби, приклучоци, милионски малверзации, но наместо истрагите да завршат со расчистување на криминалот, завршија со закани. Наместо институциите да ги казнат криминалците, молчеа. Наместо полицијата да ги заштити граѓаните и правото — дозволи ова да се случи.
Ваквиот напад е срам за државата и порака до сите граѓани дека ако зборуваат за криминал и неправда, ќе бидат замолчени со сила“.
Бараат од Министерството за внатрешни работи и од обвинителството да постапат веднаш и да ја преземат целата одговорност за „неделувањето со кое го овозможија овој напад. Да се расчисти до крај, а насилниците да бидат изведени пред правдата без одлагање“.
Владата, додаваат, мора да престане да ги штити криминалците и да почне да ја штити правдата.
„Државата не смее да биде заложник на мафијата и на оние што со закани и со сила се пресметуваат со секој кој се обидува да открие криминал“.
Македонија
Муцунски-Русопулос: истакната важноста на Европскиот суд за човекови права

На маргините на Дубровник Форум 2025, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Теодорос Русопулос.
Во година кога одбележуваме 30 години членство во Советот на Европа, на средбата беше потврдена нашата силна заложба за вредностите и стандардите на Организацијата. Соговорниците ја истакнаа и важноста на Европскиот суд за човекови права, неговата независност и спроведувањето на неговите пресуди.
Муцунски упати благодарност за поддршката од Советот на Европа во спроведувањето на реформите дома и усогласувањето со европските стандарди. Соговорниците разменија мислења и за пошироките безбедносни предизвици во Европа, вклучително и руската агресија врз Украина.
Македонија
Девет лица приведени во акција за сузбивање на трговија со луѓе и илегална миграција: меѓу нив и малолетници

Во рамки на меѓународната оперативна полициска соработка на македонската полиција на почетокот на минатиот месец, во делот на сузбивање на трговијата со луѓе, односно програмата EMPACT-ОАП за трговија со луѓе и наши полициски службеници од повеќе организациони единици на МВР учествува во повеќедневните оперативни активности против трговијата со луѓе/пред се со деца како и во откривањето и сузбивањето на други видови криминал поврзан со кривичното дело – „трговија со луѓе“ – како што е илегалната миграција, фалсификувањето документи и слично, информираат од МВР.
Притоа, во текот на тие оперативни активности за идентификување жртви или потенцијални жртви на трговија со луѓе/деца, како и за идентификување на лица припадници на организирани криминални групи кои ги извршуваат кривичните дела – „трговија со луѓе” и „трговија со дете” по пат на сексуална или трудова експлоатација, присилни бракови, питачење, присилување на вршење други кривични дела беа откриени вкупно девет кривични дела. Односно по три кривични дела – „запуштање и малтретирање на дете“ и „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, потоа две кривични дела – „фалсификување исправа“ како и едно кривично дело – „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материјали “. Вкупно пак околу овие кривични дела биле приведени осум лица, а дополнително на подрачјето на Тетово, приведено е и лице за кое претходно е распишана потерница (црвена потерница/red notice) од Р.Словачка за сторено кривично дело – „трговија со луѓе”.
Исто така, откриени се девет лица жртви на трговија од кои шест лица биле под 18 годишна возраст (малолетни) а три лица над 18 години старост. Одземени е еден пиштол марка „Smith & Wesson SW 1911” и шест куршуми калибар 45 мм кои сопственикот ги поседувал без соодветна дозвола за што е покрената кривична постапка, а воедно поднесени се голем број на прекршочни пријави согласно Законот за странци а вв со нерегулиран престој на странци во РСМ или злоупотреба на престојот како и прекршочни пријави против повеќе правни лица поради неправилности во работењето (непријавени работници, непочитување на работното време неисполнети услови за работа и друго).
Во оваа операција што инаку го опфаќа целиот европски континент во борба против трговијата со луѓе, учествуваат вкупно 43 држави како и меѓународни организации вклучувајќи ги и Европол, Интерпол и Фронтекс. Во Варшава, Р.Полска, беше воспоставен и координативен центар каде беа распоредени претставници од земјите учеснички, меѓу кои и претставник од РСМ, велат од министерството.
Во национални рамки, какмо што е појаснето, носител на активноста беше Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, Секторот за криминалистички истраги, ОСОСК, а целата активност беше спроведена во координација и соработка со Секторот за меѓународна соработка, Одделот за криминалистичко разузнавање и анализа, Секторот за криминалистичка анализа при СКИ-ОСОСК, Одделот за криминалистичка полиција, Секторите за внатрешни работи, Регионалните центри за гранични работи, Одделот за гранични работи и миграции при МВР, како и Државниот пазарен инспекторат, Агенцијата за вработување и Државниот инспекторат за труд.
Во текот на активностите на територијата на нашата држава беа ангажирани над две илјади полициски службеници, а меѓу другото беа извршени проверки на вкупно 2232 лица, 1598 возила како и проверки на вкупно 531 локации низ државата.
„Оперативната акција (ОА) 3.5 JAD Global Chain имаше за цел подобрување на капацитетите на институциите надлежни за спроведување на законот, за да можат преку мултидисциплинарен пристап подобро да откриваат, истражуваат и гонат кривични дела поврзани со трговијата на луѓе/деца имајќи во предвид дека борбата против трговија со луѓе е мултидисциплинарна задача на повеќе засегнати институции и организации“.