
Индија во понеделник соопшти дека четврта ноќ по ред одговорила на „неиспровоциран“ оган од лесно оружје од територијата на Пакистан по должината на де факто границата, продлабочувајќи ја потрагата по милитанти во регионот по смртоносниот напад врз туристи во Кашмир минатата седмица.
Индиската војска соопшти дека одговорила на „неиспровоциран“ оган од лесно оружје од повеќе позиции на пакистанската армија долж 740 км долгата де факто граница што ги дели индиските и пакистанските области на Кашмир околу полноќ во неделата. Не се објавени повеќе детали и нема информации за жртви
По нападот на 22 април во кој загинаа 26 лица, Индија идентификуваше двајца од тројцата осомничени милитанти како Пакистанци, иако Исламабад негираше каква и да е улога и побара независна истрага.
Безбедносните претставници и преживеаните рекоа дека милитантите ги одвоиле мажите на местото на нападот, ливада во областа Пахалгам, ги прашале за нивните имиња и ги целеле хиндуистите пред да пукаат во нив од непосредна близина.
Нападот предизвика бес и незадоволство во Индија, каде што мнозинството жители се хиндуисти, со повици за акција против исламски Пакистан, кого Њу Делхи го обвинува за финансирање и охрабрување на тероризмот во Кашмир, регион на кој право полагаат и двете земји и за кој тие водеа две војни.
Двете соседни земји кои поседуваат нуклеарно оружје презедоа низа мерки една против друга, при што Индија го одложи клучниот договор за водите на реката Инд, а Пакистан го затвори својот воздушен простор за индиските авиокомпании.
Кина, клучен играч во регионот, во понеделник изрази надеж дека Индија и Пакистан ќе покажат воздржаност и ги поздрави сите мерки што би помогнале во смирувањето на ситуацијата.
Кризата во Кашмир, единствениот индиски регион со мнозинско муслиманско население, датира од 1947 година, кога Велика Британија се повлече од регионот без да го реши статусот на областите таму, а Индија и Пакистан станаа независни по британската колонијална власт.
Во 1947 година, Пакистан и Индија влегоа во првата војна за Кашмир. Поради истата причина, двете земји повторно влегоа во војна во 1965 и 1999 година.
Индија контролира околу 45 отсто од Кашмир, Пакистан околу 35 отсто, а Кина 20 отсто. Индискиот дел се нарекува Џаму и Кашмир и денес е единствената претежно муслиманска провинција во Индија.