
Хрватска направи чекор кон нокаут фазата на Светското првенство во Катар, со победата против Канада од 4:1. Во последниот натпревар пак од вчерашниот ден, супер дербито помеѓу Шпанија и Германија заврши нерешено, 1:1.
Во група Ф, без шанси за пласман е само Канада, која нема шанси за пласман во следната фаза. Хрватска има 4 бода, исто толку и Мароко, а Белгија е на третото место со 3 бода. Во последното коло, Хрватска и Белгија во меѓусебен дуел одлучуваат. На хрватите им е доволен бод, а на Белгија само победа. Во случај на нерешен резултат, белгијците ќе треба да очекуваат и висока победа на Канада над Мароко.
Во групата Е, по ремито на Шпанија и Gерманија, и победата на Костарика над Јапонија, сите екипи се во игра за следната фаза. Шпанија е прва со 4 бода, во последното коло игра со Јапонија, која има 3, исто колку и Костарика.
Германија по сензационалниот пораз од Јапонија , играше на се или ништо против Шпанија, успеа да извади реми, и сега со еден бод, во поселдното коло треба да поди на победа против Костарика, но и да очекува Шпанија да ја совлада Јапонија. Во случај Јапонија да одигра нерешено со Шпанија, Германија ќе мора да победи и со повисок резултат против Костарика. Одлучува гол разликата, а во моментов Јапонија има 2:2, а Германија 2:3.
Денеска на програмата се уште четири интересни дуели. Денот го отвораат Камерун и Србија во 11 часот. Двете екипи се без бодови, и пораз за било која ќе значи крај на настапот на СП. Србите во првото коло загубија од Бразил, и овој натпревар за нив е одлучувачки. Од истата група, во 17 часот играат Бразил и Швајцарија, кои имаат по три бода.
Се заокружува и второто коло од групата Х, каде во 14 часот започнува дуелот Јужна Кореја – Гана. Корејците имаат бод од првиот натпревар со Уругвај, а Гана е без бодови, по поразот од Португалија, која пак денеска со евентуална победа против Уругвај (20 часот) ќе го обезбеди пласманот во втората фаза на првенството.
Инаку, ова е последниот ден на Светското првенство во Катар во кое ќе има натпревари и во 11 и во 14 часот. Од утре стартуваат последните кола во групите, па натпреварите ќе се играат во ист термин – две средби во 16 и две во 20 часот.