Од Министерството за здравство попладнево информираа дека согласно информации од Воено – медицинската академија во Белград, денеска претпладне, на повредите подлегнал Стојанче Стефанов од Кочани, роден во 2001 година.
– Станува збор за пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови, веднаш е упатен на лекување во Воено – медицинската академија во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец, појаснија од Министерството за здравство.
Станувало збор за пациент со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување чад.
– Во ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО – апарат, преку што се оксигенира крвта преку машина, заради вдишаниот чад. Но, заради сериозноста на повредите, тој поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба, додадоа надлежните.
Министерството за здравство изразува најдлабоко сочувство до фамилијата и до сите засегнати од трагедијата во Кочани.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи рано изутрина на 16 март.