Ткаење солидарност - од раце до срце: Осмислување на заедништвото преку женското кооперативно здружување

09.06.2025 13:31
Ткаење солидарност - од раце до срце: Осмислување на заедништвото преку женското кооперативно здружување

Дискусија и презентација на истражување за женските кооперaтиви на ПРВО ПА ЖЕНСКО 13

Ткаење солидарност - од раце до срце: осмислување на заедништвото преку женското кооперативно здружување

12 јуни
12:00 - 15:00
Кафе книжарница БУКВА

Лекот за болката и страдањето се случува во просторот на заедничкото постоење и дејствување. Се случува во заедница каде секоја подадена рака е како мелем на раните направени од оние кои не знаат како да се справат со својата болка. Оваа програма има за цел да го истражи женското кооперативно здружување како одговор на родово базираното и семејно насилство, но и останати форми на насилство спрема жените.

Преку расплеткување на митовите околу предизвиците и потенцијалот на овие здружувања ќе се обидеме да истражиме една алтернативна форма на заедница која би била сведоштво за моќта на женското здружување и колективно дејствување. Уште една нишка од новиот свет каде колективното ослободување го надвишува индивидуалното, не со агресија, туку со нежност, трпение и љубов.

За време на дискусијата, ќе се претстават наодите од истражувањето и ќе се дискутираат предизвиците на ваквите уредувања, како и потенцијалот за поставување на вакви структури во Македонија и регионот. Ова истражување е првиот чекор кон обработување на темата на женски кооперативи и задруги, од кое се стремиме да добиеме конкретни препораки за понатамошни активности.

Учеснички на настанот:

Лилјана Јоноски е докторандка на програмата за Меѓународно право и меѓународна политика, Правен Факултет-Кичево, зад себе има 17-годишно искуство и работа во граѓанското општество, но и профилирана експертка со длабоко познавање на процесите на вклучување и имплементација на правото на родова еднаквост во општественото живеење со фокус на руралните средини. Како извршна директорка на Рурална коалиција и активен чинител во општествениот живот, Лилјана дава континуиран придонес во борбата за економско јакнење на жените од руралните средини и нивна социјална и економска инклузија во општеството, затоа што економски силни жени активно може да придонесат кон одржливоста на локалната заедница. Лилјана е една од ко-авторките на истражувањето.

Неда Чаловска - Димовска е магистерка по меѓународно право и човекови права и работи фокусирано на прашања поврзани со родовата (не)еднаквост, од интерсекциски аспект. Има повеќе од 13 години искуство на национално и регионално ниво на теми поврзани со антидискриминација, родова еднаквост, родово базирано насилство, права и пристап до правда на маргинализираните и ранливи групи на жени во општеството.

Сузана Димитриевска е една од првите и најголеми органски производителки во земјава. Со својата органска фарма „Липа“, лоцирана во селото Мустафуно, Свети Николе таа е меѓу првите извозници на органски производи, кои ги произведува на 52 хектари. Органското гравче, спанаќ, но и житарки, сточна храна, грозје и кајсии, потоа наут, органско црвено вино-Мерло, маџун и домашна ракија се меѓу продуктите кои ги произведува и продава на нашиот пазар. Речиси десетина години и извезува органски грав во Швајцарија.

Ана Џокиќ е архитектка и дел од меѓународно признатото дуо STEALTH.unlimited (Белград/Ротердам). Нивното поле на дејствување ги поврзува замислувањето на иднината, политиката на можностите и просторните интервенции. Во текот на последните 15 години, таа започна и активно учествува во неколку кооперативни иницијативи во областа на домувањето (Кој го гради градот, Попаметна зграда, MOBA), енергетиката (Електропионир) и финансиите (Кооператива за етичко финансирање), кои преку пракса го преиспитуваат колективниот капацитет на граѓаните да создаваат заеднички добра. Ана е членка од трета генерација на кооперативата. Во 1950-тите, нејзината баба ја основала Женската задруга Драгачево, првата женска задруга во Југославија.

Сара Миленковска е феминистичка организаторка и истражувачка од Македонија, која моментално работи како координаторка на проекти во Коалиција Маргини. Нејзината работа се фокусира на родовата правда, ЛГБТКИ+ правата и отпорот кон анти-родовата политика, со силна посветеност на градење колективни одговори на системското насилство вкоренети во заедницата.

Таа има магистерска диплома по род, политика и нееднаквост од Лондонската школа за економија и магистерска диплома по стратешки комуникации од ИКС-Скопје. Нејзината академска работа ја истражува колективната грижа како политичка практика - практика што ја предизвикува изолацијата и отфрлањето произведени од неолиберализмот и нуди алатки за реобмислување на како живееме, организираме и се поддржуваме едни со други.

Сара е исто така ко-основач на мрежата Стела, феминистичка иницијатива базирана на менторство која ги поддржува девојките и жените во нивните образовни и професионални патувања. Преку Стела, таа ја започна иницијативата #СподелиАвторка, водена од заедницата која споделува илјадници феминистички и квир книги низ целата земја, особено во училиштата со недоволно ресурси и руралните области.

Влезот за настанот е слободен!

ОкоБоли главаВицФото