Оваа можност сега сериозно се разгледува откако на планетата К2-18б беше откриена трага од гас, која на Земјата се создава исклучиво со дејство на едноставни морски организми.
„Ова е едно од основните прашања и можеби сме многу блиску до одговорот“, вели професорот Нику Мадхусудан од Институтот за астрономија на Универзитетот во Кембриџ, кој го води тимот што го откри гасот, пренесува Ројтерс.
Но, ваквите откритија отвораат нови прашања. Ако навистина најдеме живот на друг свет, како тоа ќе нè промени?
Денешните најсилни индикации за живот не потекнуваат од Марс или Венера, туку од планета оддалечена околу 124 светлосни години од Земјата, која орбитира околу ѕвезда во далечна галаксија.
Тоа е тешко замисливо растојание. Ѕвездата најблиску до нашето Сонце е оддалечена малку повеќе од 4 светлосни години, нашата галаксија има дијаметар од околу 100.000 светлосни години. Користејќи ја денешната технологија, на човештвото ќе му требаат околу 188.000 години за да стигне до К2-18б.
До неодамна, НАСА бараше живот речиси исклучиво на Марс. Но, сè се промени во 1992 година, кога беше откриена првата планета надвор од Сончевиот систем. Оттогаш, пронајдени се речиси 6.000 такви планети, таканаречени егзопланети. Многу од нив се гасни џинови како Јупитер или Сатурн, додека други се премногу топли или премногу ладни за течна вода, која се смета за неопходна за животот.
Но, многу егзопланети се наоѓаат во таканаречената „златна зона“, на оддалеченост „точно“ за да постои живот. Професорот Мадхусудан верува дека има илјадници од нив само во нашата галаксија.
Со појавата на егзопланетите, научниците почнаа да развиваат инструменти за анализа на нивната атмосфера, со цел да ги пронајдат таканаречените био-потписи, или молекули кои ги создаваат исклучиво живите суштества на Земјата. Ова бараше набљудување на микроскопски количества светлина што минува низ атмосферата на далечна планета.
Најголемиот пробив дојде со лансирањето на вселенскиот телескоп Џејмс Веб во 2021 година, најмоќниот телескоп некогаш изграден. Токму тој сега откри гас на К2-18б, што се смета за најсилниот знак на живот надвор од Земјата досега.
Но, дури и Џејмс Веб има ограничувања. Не може доволно јасно да ги набљудува помалите планети како Земјата, особено ако се блиску до нивната матична ѕвезда. Затоа НАСА веќе планира нов проект, опсерваторија за животните светови, која би требало да може да проучува планети слични на нашата во 2030-тите.
Паралелно се гради и Европскиот екстремно голем телескоп (ЕЛТ), кој ќе го набљудува небото од чилеанската пустина. Неговото огромно огледало, со дијаметар од 39 метри, ќе овозможи детален увид во атмосферата на планетите.
Професорот се надева дека ќе има доволно податоци во следните две години за конечно да го потврди присуството на био-потпис околу К2-18б. Но, дури и ако успее, тоа нема веднаш да значи дека најдовме живот.
Тогаш ќе се отвори нова дебата: Дали овој гас навистина има биолошко потекло или има некое неживо објаснување?
„Колку повеќе време астрономите поминуваат со телескопи, толку појасна ќе имаат слика за хемискиот состав на тие атмосфери“, вели Кетрин Хејманс, шкотски астроном, додава: „Нема да можеме со сигурност да кажеме дека тоа е живот, но ако истата шема се појави на повеќе планети, тоа ќе ја зголеми нашата доверба во таа хипотеза“.
Слично на тоа како малите технолошки иновации доведоа до создавањето на интернетот, може да се случи најголемата научна, културна и социјална промена во историјата на човештвото да се случи тивко, речиси незабележливо, што значи дека дури подоцна ќе сфатиме дека рамнотежата е неповратно променета.
Подефинитивен доказ за живот би било пронаоѓањето на живи организми во нашиот Сончев систем, што би било овозможено со роботски сонди со преносливи лаборатории. Некои примероци можеби ќе можат да се вратат на Земјата и да бидат подложени на детална анализа.
Ако се потврди постоењето на едноставен живот, тоа нема да значи дека некаде постојат и напредни суштества. „Од едноставен до сложен живот е огромен чекор, а од таму до интелигенција е уште поголем чекор“, вели Мадхусудан, пренесува Ројтерс.
“На Земјата, беше потребно многу долго време за да се појават повеќеклеточни форми на живот. Не знаеме дали за ова е потребна идентична планета со океани и континенти како нашиот, или може да се појави на друго место”, додава д-р Роберт Маси од Кралското астрономско друштво.
„Секое ново откритие во астрономијата дополнително нè оддалечува од центарот на универзумот. А откривањето на животот би нè оддалечило уште повеќе од идејата дека сме посебни“, вели тој. Но, за некои тоа може да биде охрабрување, а не закана.
„Доколку гледаме во небото, повеќе нема да гледаме само физички објекти, ѕвезди и планети – би виделе живо небо. Општествените последици од ова би биле огромни“, вели астрономот.
“Тоа би била огромна трансформација во начинот на кој се гледаме себеси во универзумот. Тоа суштински би ја променило човечката психа – како гледаме еден на друг и на светот околу нас. Која било јазична, политичка или географска бариера би исчезнала бидејќи би сфатиле дека сите сме едно. Тоа би нѐ зближило”, вели Мадхусудан.
„Тоа би бил следниот чекор во нашата еволуција“, заклучува тој.