Гаши за лидерската средба: Добра идеја за уставни измени, нема контакти со Таравари за излезот од Влада

од Љубиша Владимиров
103 прегледи

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во емисијата „24 анализа“ го поздрави предлогот на лидерот на СДСМ за лидерска средба на која би се разговарало за уставните измени. „Лидерската средба е одлична идеја. Секој повик за консензус околу уставните промени е добредојден. Дури и ако не се сложиме за сè, важно е да имаме комуникација меѓу лидерите“, рече Гаши.

Тој исто така нагласи дека не се видел со Арбен Таравари и не разговарале за одлуката на лидерот на „Вреди“ да излезе од Владата. Според него, лидерските средби во „Вреди“ биле исцрпувачки и немало простор за дополнителни дебати.

„Комуницираме со пратеничките групи и секој пратеник добива поддршка, но за оваа тема мислам дека треба да се разговара на лидерско ниво. Не се чувствувам како некој што треба да го диктира ставот“, рече Гаши.

Тој додаде дека не знае кој ќе биде новиот министер за здравство и дека ќе го дознае тоа кога премиерот ќе му го достави предлогот.

Гаши исто така откри дека не го посетил Кочани по пожарот во дискотеката „Пулс“ бидејќи не сакал да ја политизира ситуацијата и не бил сигурен каква ќе биде реакцијата на граѓаните.

„Ги посетив сите повредени во болниците, но без присуство на медиуми. Болката е голема кај сите, и кај мене, и не сакам ова да се користи за политички цели“, рече тој.

Претседателот на Собранието додаде дека ако семејствата на загинатите и повредените побараат средба, ќе се сретне со нив.

„Важно ми е да сме блиску до нив и да направиме сè што можеме. Ако тие сакаат средба, ќе ги примам во секое време“, порача Гаши.

Слични содржини