Граѓански организации со еколошки предзнак сметаат дека на планината Кожув не треба да се градат мини електрични централи

Објавено на 21 јуни, 2025 во 12:14

Екологистите на „Еко Живот“ се спротивставиле уште пред седум години со Ургенција до тогашниот состав на Советот на Општина Кавадарци да не дава позитивно мислење за изградба на мали хидроелектрични централи на река Дошница, на планина Кожуф, од кавадаречка  страна. Но, ставот на граѓанскиот секор за заштита на природните ресурси на планината со потенцијал за Национален парк, не бил прифатен. Советот изгласал мислење со кое што дал согласност и на реката веќе се издадени дозволи за градби на две мини електрични хидроцентрали на кои им претходат издадените договори за користење на водите на Дошница за производство на електрична енергија.

Ни во првиот во 2018 година ниту сега, во вториот обид, на 9 јуни, кавадаречките екологисти од „Еко Живот“ заедно со уште 12 граѓански здруженија „Орле“ од Кавадарци, неготинската „Еко Вита“, гевгелиските „Чеинџмејкерс“, „Апитоксин“,„Алчинов“, „Мултимедија“, „Еко Лајф“, „Двете Уши“, „Спас за нас“ и „Кожуф“ , демиркаписката „Клисура“ и скопската „Ај лав хајкинг“ не успеваат со Барање за времено стопирање на изградбата на малите хидроелектрани на река Дошница да го променат мислењето на општината.

Општината минатата недела им одговара на поднесеното барање со што го информира граѓанскиот сектор дека „надлежен орган за доделување на концесијата за користење на водата за производство на електрична енергија со изградба на мали хидроелектрични централи МХЕЦ „Баров Дол“ и МХЕЦ „Папрад“ е Министерство за животна средина и просторно планирање и истиот има склучено Договор за концесија за користење на вода за производство на електрична енегрија со изградба на мали хидроелектрични централи МХЕЦ „Баров Дол“ и МХЕЦ „Папрад“ со ДППЕЕ „ХИДРО ДОШНИЦА“ ДОО Кавадарци“. Притоа општината додава дека во рамките на своите надлежности ќе продолжи да ги спроведува мерките за заштита и унапредување на животната средина, утврдени со планските документи за животна средина, со насоки за заштита од загадување и унапредување на квалитетот на водата, воздухот и почвата, заштита за природата и рационално управување и користење на природните богатства.

Ваквиот став на општината за граѓанскиот еколошки сектор не значи дека треба да се откажат од намерата. Тие се децидни дека ќе продолжат се до остварување на крајната цел, заштита на планината Кожув и природните ресурси и богатстава што таа ги содржи во себе.

„Недозволиво е за нечиј бенефит да се уништуваат националните богатства. Навистина е жално што една таква планина, со потенцијал за прогласување на Национален парк Кожув, да биде разорена за потребите на фирми за производство на електрична енергија. Ќе биде уништена прекрасната природа  за производство на многу мала количина на електрична енергија,“ гласи ставот на овие граѓански организации.

Инаку барањето освен до кавадаречкиот Градоначалник Митко Јанчев и Совет на Општина Кавадарци испратено е и до градоначалниците на Демир Капија и на Гевгелија, Андон Сарамандов и Лазар Петров како и до советниците во овие два општински совети.

Реката Дошница извира на планината Кожув од кавадаречка и со течението влегува во демиркаписката општина. Тоа од што стравуваат овие граѓански организации е дека можеби првите две ќе поттикнат и други фирми кои ќе посакаат да користат исти или други природни ресурски на планината во која тие гледаат единствено иден македонски Национален парк.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.