Денот потоа

17.06.2025 00:59
Денот потоа

Израелците сакаат војни, особено кога почнуваат. Уште немало војна во која (цел) Израел на почетокот не навивал за неа. Немало војна, освен онаа од 1973-тата година, во која (цел) Израел на почетокот не бил воодушевен од неверојатните воени и разузнавачки способности на својата армија. И немало војна што не завршила со солзи. Менахем Бегин еуфорично влезе во Либанската војна, а од неа излезе со клиничка депресија. И тој е само еден пример. Голема е веројатноста дека истото ќе се случи и со војната против Иран. Почетната еуфорија е тука, подготвена е химната „Победа над Иран“, но на крајот нè чека црнило.

Крилјата на пилотите од нашето воено воздухопловство, извалкани со крвта на илјадници деца и десетици илјади невини луѓе, станаа „чисти“ по неколку летања кон Иран. Какви херои! Такво општо фалење на военото воздухопловство не сме доживеале уште од чудото на Шестдневната војна. Како само ја насочиле ракетата преку тераса, па потоа да излезе низ прозорец. Дури и Бенјамин Нетанјаху преку ноќ ја поврати легитимноста и повторно стана нашиот Винстон Черчил, барем за многумина од нас. Телевизиите и социјалните мрежи експлодираа од самофалење. „Кога сакаме, знаеме како да ја погодиме метата“, се пофали Лиат Рон на порталот „Walla“. „Тринаесетти јуни, уште една историска можност. Не смееме да ја испуштиме. Секоја чест за израелската војска и нека живее државата Израел“, напиша Амит Сегал, човек кој се смета за највлијателен новинар во земјата.

Првите денови од војната секогаш се нашите најубави, најопојни и најдобри денови. Ах, како само уништивме три воздухопловни единици во 1967-та, а како само убивме 89 сообраќајни полицајци првиот ден од операцијата „Оферет Јецука“ против Хамас во 2008-та. Секогаш истата гордост, постојано величење на херојството на армијата и Мосад. Пред два дена имаше такви што по 100 борбени налети го сменија и режимот во Иран. Овој полет секогаш го следи и чувството на праведност. Немавме избор во 1967-та, ниту во 1982-та, поправедни војни од тие немало. Пред два дена пак немавме избор. Филмски вознес на почетокот, трагедија на крајот.

Чувството на задоволство спласна уште во саботата вечерта, по три сирени кои милиони Израелци ги натераа во засолништа, по што следуваа разурнувања и смрт. Тоа не можеше да го надомести убиството на девет ирански нуклеарни физичари, ниту беше утеха убиениот командант на Револуционерната гарда (за кого веќе се најде замена). Израел се стрча во војна што можеше да се избегне ако Нетанјаху во 2018-та не го натераше Доналд Трамп да се повлече од нуклеарниот договор на Барак Обама, договор што Трамп денес би го потпишал со задоволство.

Израел секогаш има стеснување на свеста по првичните успеси и никогаш не размислува за денот потоа. По неколку месеци ноќни симнувања во засолништа, со уништена економија и уште повеќе морал, ќе почнеме да се прашуваме дали цената е прескапа и дали навистина немавме друг избор. Но ваквите прашања сега дури и не се легитимни.

Колку трпение има Иран, а колку Израел? Колку долго Тел Авив може да издржи под сенката на ракетните закани, а да не се претвори во Киев? Колку може Техеран? Тоа требаше да си го поставиме како прашање пред да тргнеме на Натанс, а не кога пилотите се вратија овенчани со слава. Не се работи за расипување на радоста, туку за трезвено согледување на реалноста, особено на минатото од кое Израел одбива да извлече какви било поуки. Дали некоја војна ја зајакна оваа држава? Дали водевме војна без алтернатива со поинакво решение? Кампањата против Иран може да прерасне во војна каква досега не сме виделе. Единствената и слаба шанса за брз излез од неа во голема мера зависи од непредвидливиот претседател во Вашингтон. Ова е најопасната војна во историјата на Израел. Можеби ова е војната за која ќе зажалиме како никогаш досега.

Карикатури: Vasco Gargalo

Извор: https://www.haaretz.co.il/

ОкоБоли главаВицФото