Руските компании користат Биткоин за меѓународна трговија со цел да ги заобиколат санкциите, а министерот за финансии Антон Силуанов најавува понатамошен развој на дигиталните плаќања, истакнувајќи ги криптовалутите како алтернатива на доларот и системот SWIFT.
Рускиот министер за финансии Антон Силуанов откри дека домашните компании веќе користат Биткоин и други дигитални валути како механизам за меѓународни плаќања. Ова признание доаѓа откако беа воведени законски измени кои овозможуваат употреба на криптовалути за заобиколување на санкциите, пренесува Ројтерс.
Санкциите наметнати на Русија поради нејзината инвазија на Украина значително ја попречија трговијата со партнери како Кина и Турција. Странските банки не сакаат да соработуваат со руските финансиски институции поради страв од санкции од Западот.
Затоа, криптовалутите станаа остварлива алтернатива за руските компании кои сакаат да водат меѓународна трговија без да користат американски долар или системот SWIFT. Биткоинот, како децентрализирана форма на електронски пари за која не се потребни посредници, се покажа како корисна алатка за избегнување санкции.
Претходно оваа година, Русија донесе закони кои дозволуваат употреба на криптовалути во меѓународната трговија. Дополнително, земјата прави напори да го прошири ископувањето криптовалути и веќе се позиционираше како еден од светските лидери во ископувањето биткоин.
„Во рамките на експерименталниот режим, можно е да се користи биткоин, кој го ископавме овде, во меѓународни трговски трансакции“, рече Силуанов во интервју за телевизијата „Русија 24“.
Министерот додаде дека некои руски компании веќе направиле трансакции во странство користејќи биткоин и најави натамошен развој на дигиталните плаќања.
“Сигурен сум дека тоа ќе се случи следната година“, рече Силуанов. „Меѓународните плаќања во дигитални валути се иднината.“
Рускиот претседател Владимир Путин неодамна ја критикуваше американската администрација за, како што вели, поткопување на статусот на американскиот долар како светска резервна валута преку политичка злоупотреба. Тој истакна дека многу земји сега размислуваат за алтернативни опции, вклучувајќи го и биткоинот, кој не може да биде регулиран или забранет од ниту една земја.
Овие чекори на Русија укажуваат на промена на парадигмата во меѓународните финансии, со криптовалутите како клучен елемент за надминување на економските ограничувања, пишува
SilliconAngle.