Утре со почеток од 20:45 часот Македонија ја пречекува Белгија во квалификациски меч за Светското фудбалско првенство. Белгијците денеска ја имаа редовната прес-конференција.
„Сите 26 фудбалери кои се повикани се во добра форма, иако дел од нив имаат различни ситуации во клубовите. Сите се подготвени, има проблеми во јуни поради крајот на сезоната. Сепак, најважно е што сите со желба доаѓаат во Скопје за да победат. Сите кои беа повредени, во моментов се во добра форма. Секогаш е предизвик да се игра на гости, ама ние сме подготвени. Јасно ни е дека имаме ривал против кој мора да дадеме максимум“, вели Руди Гарсија.
„Временските фактори треба да се земат в предвид. За утре е предвидено да биде нешто поладно вечерта, ама освен температурата тука е различна и влажноста на воздухот. Тоа ќе биде предизвик, но ние ги направивме сите подготовки при тренажниот процес. Токму затоа дојдовме порано, да ги почувствуваме условите на теренот и да имаме појасна слика“.
Гарсија добро го познава Елиф Елмас на кој му беше тренер во Наполи.
„Не е само Елмас, Македонија има и други солидни играчи како што се Барди, Алиоски… очекувам тежок натпревар. Тоа е тим кој прави притисок, знае да ги искористи грешките на противникот и мора да бидеме внимателни и да го дадеме максимумот“.
„Ја анализиравме Македонија, знаеме дека имаме работа со силен тим, за нас е специфично што ова ни е прв меч во квалификациите за разлика од Македонија која веќе собра четири бода. Ќе дадеме се од себе“.
Капитен на Белгија на мечот против Македонија ќе биде фудбалерот на Лил, Томас Муние.
„Колку што се сеќавам на официјални мечеви против Ирска и на клупски натпревари против Бриж. Тоа што јас сум одбран за капитен веројатно е поради тоа што сум го покажал во репрезентацијата и имав добра сезона во Лил. Точно е дека имаме и други лидери во составот и тоа е добро, засега капитените се менуваат, мене ми е задоволство и голема чест што ја носам таа титула за овој натпревар“, вели Муние.