Култура
(Видео) Колумбиец пее македонски песни среде Богота: „Како музичар од Колумбија мислев дека сум слушнал сè додека не ја открив вашата музика“

Jaнко Пенафорт е професионален музичар од Колумбија, кој ја обожува македонската музика и со својот бенд има снимено голем број изведби на улиците низ Богота.
Тој има „Фејсбук“ страница насловена „Колумбиец пее на македонски“ на која што ги споделува видеата од македонските песни, а интересно е и што поттикнат од љубовта кон македонскиот фолклор го научил и македонскиот јазик.
Во настапот во срцето на Богота на „Битола мој роден крај“, тој вели:
„Јас не сум роден во Битола, не сум роден во Македонија. Ние сме родени тука, во Богота и Венецуела, но јас многу го сакам вашиот прекрасен убав град Битола и оваа песна е за вас“.
На уште едно од видеата со бендот ја изведуваат „Македонско девојче“.
„Како музичар од Колумбија, мислев дека сум слушнал сè. Ритми, мелодии, приказни што ги раскажува музиката… но потоа ја открив македонската музика. И да ви кажам, тоа е нешто што никогаш досега не сум го слушнал“, вели Пенафорт.
Колумбиецот неодамна ја посетил Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Почна седмото издание на филмската ревија „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм

Во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, вчера вечер се одржа свеченото отворање на седмото издание на филмската ревија „Златна рамка“ – Денови на македонскиот филм, кое оваа година се одржува во знакот на 75 години постоење на Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).
Настанот на едно место обедини филмски уметници, претставници на институции и љубители на македонскиот филм, а воедно претставуваше и можност за одбележување на творештвото и работа на генерации творци. На свеченоста беа доделени и почесните награди „Златна Рамка“ на Јордан Симонов како истакнат филмски актер, на Роберт Јанкуловски за истакнат филмски автор и Алисија Ферро за истакнат филмски работник.
Во знак на длабока почит, ДФРМ постхумно додели плакети на седум истакнати филмски дејци кои дале неизмерен придонес во македонската кинематографија:
· Јован Бошковски – Прв претседател на ДФРМ, писател, филмски критичар, сценарист. Неговите дела како „Растрел“, „Бегалци“ и „Солунските атентатори“ се клучни за македонската литература и филм. Автор на сценаријата за „Солунските атентатори“ и „Под исто небо“, соработник на „Мементо“ и „Републиката во пламен“. Неговиот придонес е незаменлив во развојот на македонскиот филм.
· Кирил Билбиловски – Пионер на македонската кинематографија, еден од првите уметнички фотографи и филмски сниматели во Македонија. Неговото име стои и на првиот македонски игран филм „Фросина“, а во неговиот опус се вбројани преку 100 документарни и десетина играни филмови. Добитник на бројни награди за режија и камера, Кирил има оставено траен белег во историјата на македонскиот филм.
· Никола Лазаревски – Никица – Еден од најпознатите сценографи на македонската кинематографија, со над 50 филмски проекти. Познат по филмовите „Les cavaliers de l’orage“, „ Среќна Нова’49“ и „Пред дождот“. Уметник кој создаваше атмосфера и визуелен идентитет на македонскиот филм.
· Јордан Јаневски – Тон-снимател и тонски монтажер, дел од „Вардар филм“ од 1950 до 1991 година. Автор на звукот на преку 120 филмови, добитник на Златен медал Белград за најдобра тонска обработка за „Огнена бригада“. Професионалец со огромна посветеност и еден од клучните творци на македонската кинематографија.
· Делчо Михајлов – Македонски карикатурист, режисер и аниматор и директор на Фестивалот „Браќа Манаки“. Од рана возраст со карикатури и бројни изложби во
светот, автор на повеќе анимирани филмови, меѓу кои „Хомо Екраникус“. Неговиот придонес во визуелната уметност и филмот е непроценлив.
· Ѓорѓи Ѓорѓиевски – Џокер – Организатор, водач на снимање и незаменлив мајстор на „магијата на сетот“. Со речиси 60 години искуство, работел на голем број македонски и странски филмови.
· Милосав Крстевски – Ага – Светло-мајстор зад голем број култни филмови, меѓу кои и „Тетовирање“, „Среќна Нова ’49“ и „Тумба Маџари“. Неговиот труд создаде незаборавни атмосфери што ги красат македонските филмски остварувања.
Дополнително, ДФРМ се заблагодари и на три клучни партнери кои со својата поддршка оставиле траен белег врз развојот на македонската филмска уметност: Кинотека на Македонија – за долгогодишната посветеност на филмската култура и поддршка на ДФРМ во афирмирањето на македонскиот филм; Општина Битола – за негувањето на традицијата на Фестивалот „Браќа Манаки“ и придонесот кон филмот и препознатливиот културен идентитет на градот; и Агенцијата за филм на Северна Македонија – за континуираната поддршка во реализацијата на домашни филмски продукции и нови креативни проекти.
Настанот беше одбележан со емотивни моменти, аплаузи и пораки за континуитет, почит и заедничка мисија – да се чува, развива и споделува македонскиот филм со светот
Култура
Со концерт на „Леб и сол“ почна Битолското културно лето

Со концерт на „Леб и сол“ во античкиот локалитет Хераклеја, синоќа беше отворено 17 издание на Битолското културно лето. Фестивалот го отвори градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, потенцирајќи дека БИТ ФЕСТ е фестивал кој ја слави Битола како град на културата, уметноста и традицијата.
„Годинава сме особено горди што фестивалот продолжува да расте, што имаме добра програма и што заедно со уметниците, институциите, но и со секој од вас, ја негуваме убавината на уметноста, затоа што таа е најголемата вредност што можеме да ѝ ја даруваме на нашата Битола“, рече тој.
Коњановски најави дека фестивалските настани ќе траат сè до 31 август.
„И оваа година, ќе имаме содржини проткаени во традиционалните манифестации кои се дел од нашата годишна програма за култура, како: Битола отворен град, Илинденски денови, Битолино, Локум фест, но и многу други настани поврзани со јубилеи на наши домашни изведувачи, како што е вечерашниот настан, настанот на Стефанија мјузик ворлд, групата Гром, но и музички спектакл од светски ранг како што ќе биде гостувањето на еден од највлијателните DJ артисти – Армин ван Бурен“, рече градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред публиката, по што следуваше концертот на „Леб и сол“, со кој групата го означи почетокот на БИТ ФЕСТ и ја започна турнејата по повод одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на музичката сцена.
Културното лето во Битола има континуитет повеќе од 48 години. Од некогашните Хераклејски вечери, во 2006 година, организацијата на културното лето ја презема Општина Битола, а овој настан се трансформира во препознатливиот битолски фестивал — БИТ ФЕСТ, кој во текот на летниот период, значително го збогатува културниот живот во градот.
Култура
Започнува 17 издание на битолското културно лето „Бит Фест“

На античкиот локалитет Хераклеја Линкестис, вечерва со Концерт на групата „Леб и сол“, започнува 17 издание на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“. Со концертот во Битола, легендарната група, ја започнува својата турнеја за одбележување на 50 години на музичката сцена. Влезници по цена од 400 денари, можат да се набават во Офицерски дом и Хераклеја од 10:00 до 20.30 часот.
Официјалната програма на БИТ ФЕСТ ќе трае од 26 јуни до 31 август, но културната понуда на Битола, како прет и постпрограма е застапена за време на целиот период од календарското траење на летото и истата е исполнета со содржини од различни културни жанрови, поддржани од Општина Битола и Министерството за култура и туризам.
Пред официјалниот старт вечерва, публиката имаше можност да ужива во Празникот на музиката „Солстис“, да биде со програмските содржини на Интернационалниот младински арт фестивал „Битола отворен град“, кој трае до 28 јуни, а од синоќа вљубениците во пишаниот збор имаат можност да го проследат саемот на книга „Критична маса“ кој се одржува на малото плато пред Офицерски дом од 09:00 до 23:00 часот и ќе трае до 28 јуни.
Утревечер, на 27.06, од 20:00 часот дел од програмата на Битолското културно лето е Концертот со авторска музика на Стефанија мјузик ворлд, кој ќе се одржи на Нова сцена во Центар за култура. Станува збор за јубилеен концерт кој слави една деценија посветеност, креативност и љубов кон музиката. Стефанија е дипломирана поп-џез пејачка, артистка со препознатлива интерпретација и оригинален звук, која заедно со искусните музичари, најавува музичко патување исполнето со емоции, слобода и звук што допира до срцето.
Концертот носи љубов кон музиката, искреност и стил кој спојува повеќе жанрови. Публиката во живо ќе ги слушне нејзините најистакнати авторски композиции, преработени во современи џез, џез-рок и босанова аранжмани, џез стандарди – звук што го спојува класичното и модерното, нежното и енергичното.
Настапуваат: Стефанија Милевска Враниќ – вокал, Билјана Трајковска – вокал и пратечки вокали, Владимир Враниќ – гитара, Владимир Николиќ / Dadoni – труба, Ристо Крстевски – клавијатура, Зоки Паркет – контрабас и бас и Павел Талевски – тапани.