Македонија
Филипче: Јавно ги повикувам ВМРО-ДПМНЕ да го разгледаме и поддржиме законот за Кочани

Пратеничката група на СДСМ денеска до Собранието ќе го достави законот за Кочани со кој се предвидува финансиски надоместок и поддршка за семејствата што загубија своите најблиски во трагедијата во Кочани, како и за семејствата што имаат свој член повреден во стравотниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во одговор на новинарско прашање. Тој јавно го повика ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи законот, потенцирајќи дека неговата цел не е политизација на трагедијата, туку заедничка работа за доброто на граѓаните.
„Имаше еден коментар од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го поддржат законот и искрено верувам дека тоа не е знак дека не сакаат да им се помогне на семејствата. Јавно повикувам да седнеме заедно и да го разгледаме и да го поддржиме законот. Подготвени сме, ако треба и да се модифицира“, истакна Филипче.
Филипче нагласи дека партиите треба да покажат обединување по трагедијата во Кочани и дека треба да работат заедно на унапредување на системот за во иднина ваквите трагедии да не се повторуваат.
„Предлог законот нема за цел да ја политизира трагедијата. Ги повикувам заедно да го донесеме законот, и не сметам дека таа изјава дека нема да го поддржат, е во насока на политичка конфронтација“, повтори Филипче.
Претседателот на СДСМ појасни дека подготвеното законско решение е квалитетно и во него се предвидени финансиски надоместок за семејствата коишто изгубија членови на семејствата, финансиски надоместок за сите кои коишто имаат трошоци за лекување, поволности за децата коишто сега губат настава од училиштата и друго.
Законот ќе биде поднесен во редовна собраниска процедура со цел да има простор да се вклучат повеќе чинители со свои коментари што ќе придонесат за унапредување на законското решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Голема полициска акција низ Скопје, се вршат претреси на пет локации

Под раководство на предметниот обвинител што постапува во предметот под кодно име „Бункер“, единиците на МВР од рано утринава вршат претреси на пет локации во Скопје, извести Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Акцијата е резултат на обезбедени докази во рамките на истражната постапка што се спроведува против членовите на криминалната група „Беланоца-Барон“.
Обвинителството најави повеќе информации во текот на денот.
Македонија
Синдикалната кошничка поскапува, народот осиромашува а власта не презема ништо, велат од СДСМ

Според СДСМ, поразителни се последните податоци, за само еден месец, синдикалната кошничка е поскапена за 1.217 денари.
Како што оценуваат во опозициската партија, само за храна и пијалоци, трошоците се зголемени за 954 денари.
„Денес, на едно четиричлено семејство му требаат речиси 64.000 денари месечно, само за преживување. Ова е директна последица на неспособноста на власта која не презема ништо. Дебакл на економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Цените растат, платите стојат, мерки нема“, додаваат од СДСМ.
Како што велат, додека граѓаните се борат со скапотијата и бројат денари за да обезбедат леб до крајот на месецот, владата троши за октоподи, школки и лосос.
„Само во април и мај, СОЗР склучила милионски договори вредни 2.2 милиони денари за луксузна храна, додека народот преживува со кредити и одрекувања. Ова не е политика, ова е грабеж“.
СДСМ бара веднаш владата да ги прифати мерките за покачување на минимална плата на 500 евра. Зголемување на платите во јавниот и приватниот сектор. Укинување на ДДВ за храна за реално намалување на цените.
„Ќе се бориме за достоинствен живот, за реални плати и економија што работи за народот, а не за министрите“, додаваат од СДСМ.
Македонија
Целосен прекин на сообраќајот на експресниот пат Штип, од крстосница кај Крупиште до раскрсница кај Спанчево

Денеска од 09.15 часот на експресниот пат Штип, од крстосница кај село Крупиште, до раскрсница кај село Спанчево, поради потребите на МВР, сообраќајот ќе биде во целосен прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот ќе се одвива по стариот пат.