Трамп повторно ја обвини Кина за кршење на трговскиот договор

Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот ја обвини Кина за кршење на трговскиот договор постигнат со Вашингтон.

„Кина, можеби не е изненадувачки, но, ЦЕЛОСНО ГО ПРЕКРШИ ДОГОВОРОТ СО НАС. Толку од тоа што ќе бидам фин!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Американскиот секретар за финансии, Скот Бесент, изјави за Фокс њуз еден ден претходно дека трговските разговори меѓу САД и Кина „заглавиле малку“ и дека за постигнување конечен договор најверојатно ќе биде потребно директно вклучување од Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг.

Две недели по кршењето на мразот и привременото трговско примирје меѓу најголемите светски економии, Бесент призна дека напредокот е бавен, но најави нови преговори во наредните недели.