Пратениците се уште не иницирале надзорна расправа за пожарот во дискотеката „Пулс“- ќе се чекало завршувањето на истрагата?!

И по речиси два месеци од несеќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани народните избраници се уште не иницирале надзорна расправа која ја бараа и семејствата на настраданите.

ТВ 24 ги контактираше дел од пратениците зошто толку долго се чека а во изјава за ТВ 24 пратеникот од Левица Амар Мециновиќ само кратко посочи дека прв потпишан од изборната единица 3 е нивниот пратеник Борислав Крмов а потоа и тие но бидејќи потребни се минимум 15 потписи уште еднаш упати повик до неговите колеги пратеници од останатите пратенички групи да го направат истото. 

Во разговор за ТВ 24 пак пратеникот Никола Мицески од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека со пратениците од изборна единица 3  ќе ја иницирале надзорна расправата и ќе собираат потписи но чекаат уште некој ден истрагата да биде завршена . 

- Ние сме за надзорна расправа која покрај дискотеката „Пулс“, ќе ги опфаќа Дурмо Турс, Беса Транс и други случаи за кои многу прашања останаа неодговорени но ќе почекаме да заврши истрагата за дискотеката Пулс и потоа пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ ќе иницира. - Никола Мицески ВМРО-ДПМНЕ.

Јована Тренчевска од СДСМ со сличен став. Смета дека треба да и се даде предност на истрагата.

- За многу кратко истрагата ќе заврши. Ајде да и дадеме предност па да видиме каков ќе биде исходот и обвиненијата. После тоа спремни сме да иницираме расправа во Собрание. - Јована Тренчевска СДСМ. 

Горан Мисовски од НСДСП пак за ТВ 24 вели дека не само 15 туку сите 120 пратеници треба да се издигнат и да иницираат многу повеќе од само обична надзорна расправа.

- За еден ваков случај треба многу повеќе од надзорна расправа. Не е работата само да се соберат 15 пратенички потписи туку сите 120 пратеници да ги искористиме сите расположливи законодавно правни дејствија и преку носење на законски решенија да дадеме допринос . Додека органите и институциите  работат на случајот сметам дека подобро е да се почека крајниот исход. - Горан Мисовски НСДП.

Надзорна расправа бараа голем број на граѓани но и членови на семејствата на настраданите во дискотеката „Пулс“ и на самите протести. За да се закаже надзорна расправа, според Законот за Собранието, потребни се најмалку 15 пратеници кои ќе се потпишаат на  иницијатива која се поднесува во Собрание, а собранискиот спикер е должен да ја стави на дневен ред. Надзорни расправи се бараа и за пожарот во модуларната болница во Тетово, како и за двете автобуски сообраќајни несреќи кај Ласкарци и во Бугарија.