Како портал кој се занимава со арни нешта, освен науката и уметноста, екологијата е нашиот примарен фокус. Веќе пишувавме за општествено и еко-одговорни компании, зборувавме Кесанова, како една од компаниите која освен тоа што нуди квалитетни производи се грижи и за околината, и го споменавме примерот на DHL кој градската флота ја замени со електрични возила. Денес би сакале да позборуваме за нивното ново еколошко пакување.
Според Симона Лошкова од ДХЛ Македонија: „Климатските промени, загадувањето на животната средина, емисијата на штетните гасови се глобални теми кои нѐ засегаат сите. Ние, како водечка компанија во логистичката индустрија, имаме одговорност да бидеме пример и лидер во одржливата логистика.“
Со нивното ново инвентивно еколошко и рециклирано пакување за помалите пратки, наречено „DHL Eco Flyer“, ДХЛ Македонија сака „да ја мотивира бизнис заедницата во Македонија на општествена одговорност, како и заштита на животната средина преку воведување на еколошки решенија и производи, во зависност од индустријата.“

Токму тоа ни се допадна, давањето добри примери кои другите можат да го следат. За инвентивното еколошко и рециклирано пакување за помалите пратки, наречено „DHL Eco Flyer“ од ДХЛ велат: „Овој материјал е направен од остатоци од каменолом на варовник и е употребен во долгогодишниот процес за создавање и усовршување на нашето еколошко пакување „DHL Eco Flyer“, каде што отпадот е сврзан со мала количина на рециклирана пластика. Во процесот на трансформација се користи обновлива енергија, нема потрошувачка на вода, не се користат киселина или белило, и со тоа самиот процес на производство генерира нула загадување.“
„DHL Eco Flyer“ може повторно да се користи како пакување на ДХЛ и со помош на индустриска технологија, може да се рециклира со потешка мека пластика. Варот кој се содржи во ова пакување, без сончева светлина, природно ќе се деградира до нетоксична прашина, враќајки се во првобитната состојба.“ додаваат од ДХЛ Македонија.
Се надеваме дека следењето на еколошки примери ќе стане тренд зашто секој што се грижи за својата околина се грижи и за себеси, а компаниите кои го следат овој пример покажуваат дека се одговорни и им влеваат доверба на луѓето, што е добар бизнис чекор и – сите добиваат!