Македонија

Политички судири по изборот на Алиу во здравство: Чиј е министерот?

Собранието со 65 гласа „за“ го избра Азир Алиу за нов министер за здравство, на предлог на премиерот Христијан Мицкоски. Алиу, доктор по информатички науки и поранешен министер за дигитализација, доаѓа на местото на Арбен Таравари, кој со дел од Алијанса за Албанците премина во опозиција.

„Во време кога други држави добиваат дијагноза со еден клик, ние уште трчаме по шалтери. Време е тоа да се смени“, порача Мицкоски.

Власта уверува дека изборот на Алиу ќе ја придвижи дигитализацијата на здравствениот систем. Опозицијата пак, изборот го нарече задоцнет и политички мотивиран, со критики за состојбата во здравството и барање за предвремени парламентарни избори.

Изборот на Алиу предизвика и меѓуетнички препукувања – дел од пратениците на АА тврдат дека Таравари доброволно си дал оставка, додека од „Вреди“ велат дека бил избркан поради тајна соработка со ДУИ.

Покрај Алиу, избран е и Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство. Според Мицкоски, двајцата се дел од процес на „освежување и нови стандарди“ во Владата.

На почеток