Љупчо Палевски Палчо, обвинет за организирање на грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски на таен канал за електронска комуникација преку апликацијата Телeграм кој бил креиран од него на денот на убиството на девојчето разговарал со Зоран Петковски, член на комисијата за безбедност во партијата „Десна“. Петковски, кој денеска сведочеше пред судот дека на 27 ноември во 2023 година, со Палевски разговарал во раните утрински часови помеѓу 8:20 и 9 часот за набавка на ирански дронови.
„Од искуство знам дека Палевски знае да работи со уреди за електронска комуникација. Јас сум ИТ стручњак, специјалист за хидроакустика, дипломиран електротехничар. Знам дека добро владее со ИТ секторот и ги владее средствата за комуникација“, вели Зоран Петковски од „Десна“.
Напишаните пораки на апликацијата се бришеле за 30 секунди. Петковски сведочеше и дека кога бил повикан на разговор во полициската станица Пролет, иако не смеел го снимал разговорот на диктафон и дека началникот на Единицата за насилен криминал му покажал дупка во ѕидот, која била од обвинетиот Боре Видевски.
„И ова не смеам да ти го кажувам, но користевме стари методи за добивање признание“, му рекол началникот на сведокот Петковски.
Судот не ја прифати снимката за наводната тортура врз Видевски како доказ, бидејќи не била прибавена на законски начин и не се знае кој зборува и како е набавена.
Бојан Манев, адвокатот на Видевски, вели дека била поднесена и медицинска документација за повредите на неговиот клиент.
„Значи сведокот детално ја објасни ситуацијата во однос на тоа како полицијата работела за да го изнуди признанието од обвинетиот Боре Видевски“, изјави Манев.
Докази поднесе и одбраната на таткото на Вања кој е обвинет дека помогнал во нејзиното грабнување.
„Денеска се изведени доказите на одбраната за Александар со која се докажува целата апсурдност на самото обвинение против Александар и она што го тврдиме од првиот ден дека истражните органи во неговиот случај тргнале во сосема погрешна насока како основ и мотив за некакво користољубие“, рече Туфегџиќ.
Според Туфегџиќ, доказите покажуваат дека и Вања го добила како подарок станот на нејзиниот татко, а нејзината сестра Миња станот на „Наум Наумовски Борче“ од каде што беше грабнато девојчето, но тоа не било докрај финализирано.
За обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска, ова тврдење не може да биде доказ во случајот, бидејќи нема нотарски акт и не е сменета сопственоста на имотот во катастар.
Туфегџиќ поднесе и новинарски извештаи во кои е наведено дека мајката Зорица Ѓорчевска два часа по објавата на Фејсбук за исчезнувањето на Вања изразила сомнеж дека ќерка ѝ е киднапирана. Ова, според него, значи дека Ѓорчевски не бил првиот што изразил сомнеж за киднапирање, туку бил општ впечаток на сите.
Марија Митевска