Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје предложил 9.800 места за бруцоши во новата академска 2025/2026 година. Конкурсот ќе го распише овој месец откако предлогот за слободни места ќе биде одобрен од Владата.
Ректорката проф. д-р Биљана Ангелова во интервју за МИА вели дека студиските програми на факултетите во состав на УКИМ постојано се приспособуваат или се воведуваат нови кои одговараат на тековните технолошки и општествени трендови, со практична настава во соработка со стопанството. Програмите со континуирано ниска атрактивност и резултати, вели таа, може да бидат редуцирани или интегрирани.
За година и пол очекува целосно да заврши стратешкиот проект – дигитализација на Универзитетот, кој почна минатиот месец и ќе се реализира етапно. Ќе бидат воведувани многу дигитални сервиси што ќе овозможат документи во електронска форма, меѓу кои потврда за редовен студент, уверение за положени испити и УППИ образец, електронска пријава за испит и најпосле електронски индекс.
По две години на чело на најстариот и најголем универзитет во државава, Ангелова смета дека Скопскиот универзитет се позиционира како водечка институција во земјата и регионот со силна меѓународна вмреженост и потенцијал за иновации.
– УКИМ денес стои како пример за отворен, инклузивен и проактивен универзитет, кој не само што ги следи европските вредности, туку активно учествува во нивното дефинирање и промовирање преку образование, истражување и иновации, истакнува ректорката за МИА.
Според неа, за да се зајакне видливоста и позицијата на Скопскиот универзитет на меѓународните ранг-листи, неопходно е да се анализираат трендовите на истражувачката продукција – дали се во пораст, стагнација или опаѓање – и да се применат најефикасните алатки за проценка на академскиот кадар.
Очекуваме овој месец јуни Владата да ја донесе Одлуката за бројот на студентите за запишување во прва година – прв циклус на студии на јавните високообразовни установи за оваа академска година и веднаш потоа Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе го објави Конкурсот.