Цените на нафтата се искачија на 75 долари на меѓународните пазари бидејќи американските санкции врз иранските нафтени превозници беа засенети од трговскиот спор меѓу САД и Кина и загриженоста за побарувачката.
На лондонскиот пазар цената на барелот попладнево беше за 51 цент повисока од вчерашното затворање и изнесуваше 74,80 долари. Речиси исто толку порасна цената на барелот на американскиот пазар каде се тргуваше за 71,21 долари.
Пазарите беа преокупирани на крајот на неделата со новите американски санкции за иранските нафтени превозници. Американското Министерство за финансии во четвртокот соопшти дека вовело санкции за мрежа на компании и поединци кои транспортираат иранска нафта во Кина, по најавата на претседателот Доналд Трамп дека има намера да користи строга политика за да го отвори патот за договор со Техеран за неговата нуклеарна програма.
Санкциите опфаќаат поединци и компании во неколку земји, вклучувајќи ги Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), и танкерите CH Billion и Star Forest, кои пловат под знамињата на Панама и Хонг Конг, соодветно.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот потпиша меморандум со кој се врати цврстата политика кон Иран од неговиот прв претседателски мандат. При потпишувањето на документот, тој рече дека е многу цврст, додавајќи дека е подготвен да постигне договор со Техеран.