• Горан Упале
Цели шеснаесет години професионален фудбал, Хари Кејн чекаше на својата прва шампионска титула во кариерата. Еден од најмалерозните фудбалери во модерната ера, кога во прашање се трофеите, конечно се радува на шампионски успех, откако неговиот Баерн Минхен и официјално е нов германски првак.
Баварците овој момент го дочекаа надвор од терените, откако сега веќе поранешниот шампион Баер Леверкузен киксна на средбата со Фрајбург (2-2). Тоа беше причина за славје на фудбалерите на Баерн, а Кејн конечно ја имаше таа можност гордо да ја испее легендарната песна на Квин – „We Are The Champions“.
Англискиот напаѓач играше за Тотенхем од 2009 до 2023 година, со неколку позајмици на почетокот на кариерата, но не освои ништо со лондонскиот клуб, иако играше еднаш во финалето на Лигата на шампионите и двапати во финалето на Лига Купот на Англија.
Како член на репрезентацијата на Англија, тој има два европски сребра во 2020 и 2024 година. Хари Кејн освои и трето место во Лигата на нации. Сепак, сето тоа сè промени викендов и Кејн конечно ќе подигне шампионски трофеј.