СДСМ утрово излезе со ново соопштение по повод наводните скапи трошоци за ручеци на дел од министрите во Владата. Според најголемата опозициска партија, шокантен е одговорот на Владата по вчерашното објавување на сметките од над 30.000 евра што владините министри ги изеле и испиле во неколку ресторани во Скопје.
-Прашањето е – колку вработени тоа јаделе и пиеле на државна сметка? Или станува збор само за министрите и кабинетите на министрите? Дали покрај тие трошоци, министрите правеле и ручеци во рестораните кои ги снабдуваат бифињата во министерствата? Колкав е тој вкупен трошок, прашуваат од СДСМ.
Од „Бихаќка“ бараат Владата итно да ги објави фактурите и деталните сметки кои ги поседува, за да се утврди дали и кои вработени направиле десетици илјади евра сметка за храна.
Вчера од Владата ги демантираа наводите и порачаа дека СДСМ ресторанските услуги на бифињата ги прикажува за трошоци за ручеци на министрите.
-Тоа не се трошоци на министерот Љутков, ниту министерот Муцунски или друг владин министер, туку трошоци за бифињата кои функционираат во рамките на министерствата, кои ги користат и плаќаат и вработените кои плаќаат за услугите. Впрочем во времето на СДСМ оператор на ваквите услуги беше фамозната струмичка компанија Концепт.
Времињата кога министрите од таа партија трошеа брдо пари за скапи луксузирања и кога министри патуваа со владиниот авион до Ниш или до Солун на шопинг заврши.
Апелираме со голема претпазливост да се земат лажните вести продуцирани од партијата позната по дезинформирањето. Очигледно СДСМ одбра да продолжи со својата неконструктивност, некадарност и неспособност, стоеше во соопштението од Владата.
СДСМ објавија сметки кои се достапни на „Отворени финансии“, а од кои се гледа дека ручеци и вечери плаќале речиси сите министри, но тројца предничат во трошењето.
Сметките покажуваат дека, најмногу потрошило Министерството за надворешни работи, околу 7.300 евра за ручеци во четири наврати. Зад нив е Министерството за култура, со 5.700 евра, па Транспорт и врски со 5.350 евра за исто така четири посети на ресторан. Земјоделство, Правда и МВР потрошиле по околу 3 илјади евра, додека сметките на Економија и Министерството за јавна администрација се околу 50 илјади денари. Зад нив се Образование и Одбрана со околу 40 илјади денари,додека најскромни биле Европски прашања и Министерството за односи меѓу заедниците со 22 илјади, односно 14 илјади денари.