Студентите од ТМФ ја дизајнираа својата бајка на завршната ревија (галерија)

(Не) бевме изненадени од идеите, иновативноста и модната порака што ја испратија студентите, под менторство на професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева


 
По повод роденденот на ТМФ/УКИМ – Скопје,  на 19 јуни во аулата на факултетот се одржа традиционалната ревија на студентите од Институтот за текстилно инженерство, во присуство на бројни гости од јавниот живот и дипломатскиот кор. Под менторство на професорката Лидија Георгиева, годинава тие изработија дизајни на тема ОДБЕРИ ЈА ТВОЈАТА БАЈКА.
Какви креации презентираа студентите од Институтот за текстилно инженерство на ТМФ и завршените студенти кои веќе го најдоа својот креативен пат ? 
 
 
(Не) бевме изненадени од идеите, иновативноста и модната порака што ја испратија.  Иако не се воздржуваат од употреба на сите најнови технолошки достигнувања, генерациите кои доаѓаат сепак го преферираат човечкиот контакт .  
 
 
Во околности на различни перцепции за реалноста, кадешто се преплетуваат илјадници реални и виртуелни можности за да се доживее и да се раскаже некоја лична приказна, сите живееме во својот микрокосмос, во својата реалност, заедно со своето блиско опкружување. Секојдневните вести ги добиваме одбрани според нашиот микротаргетиран профил, па така, сликата за реалноста што ја добиваме е избор на алгоритамот скроен за нас со помош на современата технологија. Секој ја креира и ја одбира својата бајка, темна или светла, во боја или монохроматска, сите сме во некоја постојана трансформација, постојано движење низ патеките на нашето сопствено постоење, нашата сопствена бајка.
 
 
На почетокот, како вовед во ревијата беше изведен фрагмент од претставата „Аладин“ – бродвејски мјузикл со препев на македонски јазик. Изведбата е на студиото за детски и младински мјузикли Бродвеј Џуниор, под водство на Наташа Јанкова, а нашите студенти од втора година ги направија костимите за главните 7 ликови.
 
 
Партнери за шминка и фризура беа студентите од школата Димитар Влахов, а моделите од модните агенции Подиум и Црнокрак.
 
Фото: Ѓорѓи Ристоски