Даночна шема за малверзации – проневерени 90 милиони евра

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со случајот „Крмзов“ води постапка против 23 физички и 15 правни лица, осомничени за злосторничко здружување, даночна измама, перење пари и несовесно работење во случајот. Според првичните проценки, штетата изнесува околу 90 милиони евра, а незаконските активности се реализирале преку фиктивни договори, манипулации со ДДВ и продажба на недвижности.

Иницијативата за истрагата потекнува од Управата за јавни приходи, а предметот опфаќа период од 2019 до 2024 година.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на брифинг со новинарите нагласи дека Обвинителството внимателно ги цени основите за случајот. Брифингот следи еден ден откако беше приведен струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, за кого беше отворена истрага за злоупотреби. Тој доби 30 дена притвор поради опасност од бегство, влијание на сведоци и можност да го повтори делото.

За пет години штета од 90 милиони евра
Истрагата опфаќа период од 2019 до 2024 година, а штетата се проценува на околу 90 милиони евра. Станува збор за голем број поврзани компании, за коишто е обезбедена обемна документација.

Според обвинителката Верица Бержецка Крстева, незаконските активности се реализирале преку фиктивни договори, манипулации со ДДВ и продажба на недвижности по екстремни цени. Деловните простории кои што биле продавани, како што дополни, се наоѓале во Струмица и сите се во сопственост на правното лице Крмзов.

Осомничени се сметководители, управители на правни лица и инспектори на УЈП, а се разгледува можноста истрагата да се прошири со нови лица и временски периоди.

Во септември минатата година беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар. Беа приведени четири лица, а државниот јавен обвинител информираше дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари и дека се сослушани три лица, а за едно се предложени мерки за претпазливост.

Според Обвинителстовот, истрагата на надлежните органи околу случајот „Крмзов“ покажува дека повеќе милиони евра од домашна банка се префрлани на сметки во Турција. Истрагата се однесува на повеќе струмички компании, кои биле дел од шемата на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов за злоупотреба на парите. Според надлежните, фирмите поврзани со струмичкиот бизнисмен, наводно, заработиле над 30 милиони евра од поврат на ДДВ преку фиктивни фактури.

 

 

DW