Студентскиот протестен маратон во Брисел во вистински момент
15 мај 2025По 18 дена, осум земји и 1.950 истрчани километри, студентите од Србија го завршија својот ултра-маратон од Нови Сад до Брисел и пристигнаа во главниот град на Белгија во вторникот.
Граѓани ги пречекаа со поздрави на влезот во клучните институции на ЕУ, каде што пристигнаа проследени од звуците на италијанската партизанска химна „Бела чао“.
Меѓу нив беше и семејството на Дуња Станојковиќ, студент по ветерина од Панчево. Нејзините родители и постарата сестра го гледаа нејзиното пристигнување со мешавина од гордост, загриженост и возбуда. „Се надеваме на подобар живот во Србија и дека нашите деца нема да мора да ја напуштат земјата и дека ќе ја вратиме демократијата во Србија“, вели нејзината мајка Драгана за ДВ.
Во Србија пак, протестите се одржуваат повеќе од шест месеци.
Првично предизвикани од уривањето на бетонската настрешница на влезот на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица, демонстрациите се развија во поширока борба за правда и одговорност и против автократско владеење и корупцијата.
Европратениците со добредојде за студентите
За студентите Брисел, како што велат, е само уште една станица од нивниот протестен план. Тие дојдоа во европската престолнина за да ги информираат властите од прва рака за ситуацијата во Србија. „Сакаме да ги потенцираме проблемите и да ги освестиме луѓето во Србија и во целиот свет низ што минуваме“, вели студентот Урош Обрадовиш за ДВ. „Од ЕУ очекуваме разбирање и поддршка за нашата континуирана борба“, додава тој.
Првата станица во тридневната посета на европските институции беше Европскиот парламент. Европратениците ги поздравија и им честитаа за храброста и активизмот.
Ставот на ЕУ за Србија
Европратениците неодамна го усвоија најновиот Извештај за напредокот на Србија во претпристапниот процес, кој директно адресира многу од прашањата што ги тематизираат студентите. „Најголемата пречка за напредокот на Србија е токму природата на нејзината влада, олицетворена во Александар Вучиќ“, вели за ДВ Тонино Пицула, известувач на Европскиот парламент за Србија.
„Едноставно не можеме да прифатиме список на желби од Белград додека тамошното однесување - како неодамнешното појавување на српскиот претседател на воената парада на Путин во Москва - испраќа спротивна порака“, посочува тој.
Остри зборови од Европскиот парламент не се ништо ново, но новитет е критиката од Европска народна партија (ЕПП) од десниот центар, чија што членка е и Српската напредна партија на Вучиќ. Тоа е од особено значење, оценува Немања Тодоровиќ Штиплија, главен уредник на Европски Западен Балкан, регионална веб-страница специјализирана за процесот на евроинтеграција, бидејќи ЕПП е најмоќната политичка група во Европскиот парламент. „Имаше дипломатски притисок кога Доналд Туск и [Киријакос] Мицотакис ја посетија Србија за малку да го притиснат Вучиќ, но тоа не успеа“, вели Штиплија и додава дека „сега за прв пат ЕПП излезе со соопштение со остар наратив во кое се наведува дека членка на ЕПП не треба да присуствува на парада во Москва.“
„Фон дер Лајен не може да остане тивка засекогаш“
За време на нивната тридневна посета во Брисел, за студентите беше организирана средба и со еврокомесарката за проширување Марта Кос и еврокомесарот за млади, спорт и меѓугенерациски дијалог, Глен Микалеф.
За време на неодамнешната посета на Србија, Кос рече дека барањата на студентите се совпаѓаат со она што самата ЕК го бара од Србија и дека трагедијата во Нови Сад немало да се случи да постоело владеење на правото. „А ни претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, нема да може да молчи засекогаш“, вели за ДВ словенечката европратеничка Ирена Јовева. „Ѝ реков дека игнорирањето убива - буквално убива. Сега и таа е под притисок, бидејќи ова е борба за европските вредности коишто таа би требало да ги застапува“, вели Јовева.
Пицула исто така очекува одговор бидејќи, како што забележува, и кредибилитетот на ЕУ е во прашање. „Не можете да имате кредибилна политика на проширување што не води до вистински промени во земјите што тропаат на вратата на Европа - особено Србија, која поради својата големина и важност, може да биде најкритичната земја-кандидат од Западен Балкан. Затоа начинот на кој пристапуваме кон Србија е важен и за иднината на проширувањето“, оценува тој.
Пари како адут
Се чини дека зборовите веќе се преточени во дела, па така поради неуспехот на Србија да ги исполни обврските наведени во таканаречениот План за раст, ЕУ го одложи исплаќањето на 111 милиони евра (124 милиони долари) помош.
Во согласност со планот, Србија усвои Реформска агенда што вклучуваше специфични цели коишто треба да бидат исполнети до 2027. година. Овие цели, кои се во склад со преземените обврски за пристапувањето во ЕУ, вклучуваа измени во Законот за медиуми, избор на нови членови во медиумското регулаторно тело, како и ревизија на гласачката листа. „ЕК се надева оти Реформската агенда ќе ги принуди српските власти конечно да дејствуваат во однос на интеграцијата во ЕУ, бидејќи процесот е три години во застој“, појаснува Штиплија.
Тој смета дека притисокот ќе се интензивира - не само од Комисијата, туку и од земјите-членки на ЕУ и ЕПП - бидејќи Србија е единствената земја од Западен Балкан што не ги исполнила своите обврски кои произлегуваат од Реформската агенда и затоа не добила средства. Црна Гора, Албанија и Северна Македонија постигнаа значително поголем напредок од Србија.
Што е следно за студентите?
„Студентското движење е на крстопат“, вели Тонино Пицула за ДВ. „Сега ни требаат појасни одговори на многу конкретни прашања околу тоа што ќе се случува наредно во Србија“, посочува тој.
По месеци дебатирање, студентите отворено изјавија дека избори се единствениот валиден пат напред и побараа датум да биде одреден до средината на мај. Тие исто така планираат да состават свој изборен список, иако деталите за тоа што ќе подразбира ова остануваат нејасни. Извори кои разговараа со ДВ велат дека ЕУ сè уште не зазела јасен став за изборите и веројатно нема да го стори тоа сè додека Србија не ги спроведе препораките за подобрување на изборните услови дадени од страна на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ.
„Не е наша одговорност или право - ниту ќе се обидеме - да се мешаме во внатрешната политика“, вели Ирена Јовева и додава дека „сепак ние ги поддржуваме во борбата која е и борба на ЕУ. И јас навистина верувам, очекувам и барам - како и многу други - изборните услови да бидат фер, бидејќи тоа е основа на самата демократија“.