Требаше да биде „новиот Меси“, а сега неславно си оди од Барселона

Младиот крилен фудбалер Ансу Фати сезонава влезе од клупата на само девет натпревари и одигра вкупно 187 минути за Барселона во сите натпреварувања. Иако има активен договор со 2027 година, огромна е веројатноста дека налето 22-годишникот ќе замине од каталонскиот гигант. 

Кариерата на Фати не одеше како шшто сите очекуваа. Откако во сезоната 2019/20 доби шанса во првиот тим и на 33 натпревари даде осум гола, во Ансу Фати гледаа како наследникот на Лионел Меси. Тогаш 18-годишното момче играше храбро и полетно, меѓутоа дојде тешката повреда, го скина менискусот и го очекуваше пауза од десет месеци. Никогаш повторно Фати не заигра на исто ниво за Барселона како претходно. 

Иако по заминувањето на Меси клубот му ја довери десетката, ниту тоа не успеа да му помогне на Ансу Фати да се крене и да ја оживее кариерата. Следуваа и нови повреди, по што пропушти половина година фудбал, а потоа сезоната 2023/24 ја мина на позајмица во Брајтон. Англичаните не го откупија и тој се врати во Барселона минатото лето.

Се зборуваше дека Ханси Флик нема воопшто да смета на него, ама и покрај тоа Фати остана во клубот да се бори за својата шанса. Сепак, откако сезонава не беше сериозна опција ниту од клупата, разделбата е близу и налето се очекува Барселона да се ослободи од Ансу Фати.