Со објавата на царини од 10 до над 50 проценти на стоката што влегува на американскиот пазар, претседателот Доналд Трамп предизвика вистинско цунами на светските пазари, глобална нестабилност и страв, додека, пак, политичарите, бизнисмените и инвеститорите бараат стратегии за справување со последиците. Овој потег, кој Трамп го нарече „декларација за економска независност“, се заснова на претседателски овластувања од законот од 1977 година, првично наменет за санкционирање држави што кршат човекови права.
Сепак, царините би можеле да ги вовлечат во вител на политичка и економска криза и самиот претседател и неговата администрација. Шефовите на инвестициските фондови ја нарекоа табелата со царини на Трамп „графикон на смртта“, додека влијателни републикански сенатори предупредуваат на можно „политичко крвопролевање“ на изборите во 2026 година.
Трамп ги оправдува царините со извршни овластувања, тврдејќи дека економската состојба бара итни мерки. Законот од 1977 година му овозможува на претседателот да преземе еднострани економски акции во случаи на „невообичаена и вонредна закана“ за националната безбедност, економијата или надворешната политика.
Прочитај повеќе

Трамп вели дека брзо ќе ги воведе долго ветуваните фармацевтски тарифи
Трамп веќе примени секторски тарифи од 25 отсто за челик, алуминиум и автомобили, додека го започна процесот за нивно воведување и на бакар.
09.04.2025

Колановиќ: Трамп ќе го запре „кловновското шоу“ за да ги спаси акциите
Поранешниот стратег на „ЏП Морган“ вели дека американскиот претседател е блиску до попуштање под притисокот.
08.04.2025

Милијардерот Бил Акман вели дека царините на Трамп се грешка
Акман е еден од поддржувачите на Трамп
07.04.2025

Што да правите со парите додека царините ги преобликуваат пазарите?
Потрошувачите и инвеститорите се во тешка ситуација бидејќи акциите низ светот паѓаат, шансите за рецесија се зголемуваат, а се наѕираат и повисоки цени за широк опсег на производи.
07.04.2025

Царинската „табела на смртта“ на Трамп го соочува Волстрит со суровата реалност
Пазарниот пад што го предизвика Трамп минатата недела беше еден оние за во учебниците по историја.
07.04.2025

Страв и ужас на берзите
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата направи нешто што на многумина им се чинеше незамисливо.
07.04.2025

Двете партии во САД преку Конгресот се обединуваат против царините на Трамп
Последиците од новите агресивни царини на претседателот Доналд Трамп го поттикнаа Конгресот да преземе акција.
04.04.2025

Сепак, овие овластувања не се неограничени. Конгресот може да ги оспори преку заедничка резолуција, иако таквата мерка би барала двотретинско мнозинство за да го надмине претседателското вето. Судовите, исто така, можат да бидат арена за оспорување, особено ако бизнисите или трговските партнери поднесат тужби, тврдејќи дека царините не се оправдани со реална економска закана. Историски, судовите често им даваат предност на извршните овластувања во надворешната политика, но неодамнешните случаи, како ограничувањата на Бајден за имиграција, покажуваат дека судовите можат да интервенираат ако сметаат дека овластувањата се злоупотребени.
Без одобрение од Конгресот, царините можат да опстанат неколку месеци, па дури и години, доколку не се соочат со силен правен или законодавен отпор. Сепак, економскиот притисок, како зголемувањето на цените и рецесиските ризици, може да го принуди Конгресот да дејствува побрзо. Предлог-законот на сенаторите Чак Граслеј, републиканец, и Марија Кантвел, демократка, кој бара Конгресот да ратификува нови царини во рок од 60 дена, укажува на обид за ограничување на претседателските овластувања. Ако таков закон добие поддршка, царините би можеле да бидат укинати или изменети до средината на 2025 година, особено ако економските последици станат неподносливи за гласачите.
Републиканците растргнати помеѓу лојалноста и стравот
Републиканците се поделени во однос на царините. Традиционално, партијата застапува слободна трговија, но под влијание на Трамп, многумина ја прифатија неговата протекционистичка реторика. Сепак, постои растечка загриженост кај некои сенатори и пратеници, особено оние од земјоделски или индустриски држави, за економските последици. На пример, сенаторот Тед Круз, иако самопрогласен „најголем поддржувач на Трамп“, предупреди дека царините можат да ги зголемат цените на автомобилите за 4.500 долари и да предизвикаат рецесија, што би било „политичка катастрофа“ за изборите во 2026 година.

Четири републикански сенатори - Лиза Мурковски, Мич Меконел, Џери Моран и Том Тилис - го поддржаа предлог-законот на Граслеј и Кантвел, сигнализирајќи отпор кон едностраните мерки на Трамп. Други, како сенаторот Џон Н. Кенеди, изразија оптимизам дека Трамп ќе ги приспособи царините ако предизвикаат штета, но засега остануваат поддржувачи.
Во Претставничкиот дом, каде што републиканците имаат тесно мнозинство, поддршката за царините е посилна, но не е едногласна. Пратениците од сојузните држави зависни од извоз, како Северна Каролина, се загрижени за одмаздничките мерки од трговските партнери.
„Кого ќе треба да задавам доколку сето ова ни се удри од глава?“, праша во вторникот сенаторот Том Тилис од оваа сојузна држава, додека трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, сведочеше пред финансискиот комитет на Сенатот. Тилис се плаши дека ако економските последици се влошат, републиканското единство може да се распадне, особено со оглед на историјата на губење на мнозинството на изборите за Конгресот што се одржуваат на половина од претседателскиот мандат. Следните вакви избори во САД се закажани за 3 ноември 2026. „Ви посакувам сѐ најдобро, но скептичен сум“, додаде Тилис.
Демократите се надеваат дека царините ќе ги „закопаат“ ривалите
Демократите се речиси едногласно против царините на Трамп, гледајќи ги како економски штетни и политички мотивирани. Тие ги критикуваат како даноци што ќе ги платат американските потрошувачи, особено средната и работничката класа. Сенаторката Марија Кантвел, коавторка на предлог-законот за ограничување на претседателските овластувања, ја нагласува потребата од конгресна контрола врз трговската политика. Демократите исто така се обидуваат да ги искористат царините за да ја вратат поддршката од гласачите во индустриските држави, обвинувајќи го Трамп дека ги изневерил работниците со политики што зголемуваат цени.
Сепак, демократите се соочуваат со предизвик да понудат кохерентна алтернатива. Нивниот амандман за задржување на царините кон Кина, Русија, Иран и Северна Кореја покажува дека не се целосно против протекционизмот, но бараат понасочен пристап. Политички, тие се надеваат дека економските последици од царините ќе го ослабат Трамп пред изборите во 2026 година, но засега нивното спротивставување останува главно реторичко поради републиканското мнозинство во Конгресот.
Овој протекционизам не ѝ е прв на Америка
Економски, царините сè повеќе се гледаат како закана. Американските коментатори сметаат дека пакетот царини на Трамп не би поминале на гласање во ниту еден дом на Конгресот. „Вашингтон пост“ (Washington Post) пишува дека, ако Конгресот го искомплицира процесот на воведување царини, економијата ќе добие сигурност клучна за инвестициите. „Царините се даноци што ги плаќаат увозниците и потрошувачите, создаваат недостиг и ги зголемуваат цените. Тоа не е тешко да се разбере и директно влијае на семејните буџети“, се истакнува во уредничкиот коментар. Двете партии со години не се трудеа премногу да ја убедат работничката класа, која се чувствува како губитник во глобализацијата, дека таа всушност има корист од трговските договори што сега се укинуваат, сметаат во весникот.
Инаку, ова не е првпат Америка да се соочи со протекционизам. Во 1930 година Законот за тарифи Смут-Холи воведе некои од највисоките царини во историјата – и често се посочува како фактор што ја влошил Големата депресија.
Но, иако денес постои широк консензус меѓу економистите против вакви мерки, правниот систем во САД им дозволува на претседателите да воведуваат царини без многу пречки – особено од 1970-тите наваму.
Законите што го овозможија тоа се донесуваа со поддршка и од двете партии. Причината: претседателот да има флексибилност да реагира во ситуации како „нечесна трговија“, „закани по националната безбедност“ или „итни надворешнополитички интереси“.
Во 1974 година Законот за трговија му даде на претседателот посебни овластувања, вклучувајќи ја секцијата 301, што му овозможува да наметнува царини како одговор на „нечесна трговија“ од други земји. Во 1977 година секцијата 232 од друг закон му овозможува да воведе давачки ако процени дека нешто ја загрозува националната безбедност. А делот 201, пак, овозможува привремени царини за заштита од штета врз домашната индустрија.
Во 1980-тите, Роналд Реган, кој беше инаку голем поборник за слободен пазар, сепак наметна квоти и царини за јапонските автомобили, челик и мотоцикли. Тие мерки беа ограничени по обем, но покажаа дека претседателското овластување е реално и употребливо.

Ниту демократите не беа имуни: Бил Клинтон ги користеше овие овластувања кон кинескиот текстил, а Џорџ Буш Помладиот го направи истото со челикот во 2002 година.
Отпор во јавноста
Сепак, по објавата на царините на Трамп минатата среда, јавниот отпор брзо расте. Минатиот викенд над1.400 протести под името „Рацете долу!“ (Hands Off) се одржаа низ САД, но и во Лондон, Париз и Берлин, со над половина милион учесници – најголемиот протест против политиката на Трамп досега. Некои дури ги опишаа протестите како одговор на „непријателското преземање на власта“. Европските медиуми се поделени: данскиот „Политикен“ (Politiken) гледа надеж во протестите, пишувајќи дека „отпорот кон Трамп расте на многу фронтови“, додека австрискиот „Клајнe цајтунг“ (Kleine Zeitung) смета дека тие малку ќе променат бидејќи Трамп „има мнозинство во Конгресот и контрола над безбедносните служби“.

Републиканците имаат тесно мнозинство во Претставничкиот дом, а историјата покажува дека партијата на власт често го губи Долниот дом на изборите на половина мандат. Во Сенатот држат 53 од 100 места, но им се заканува загуба на две, со надеж дека ќе го задржат мнозинството поради пензионирањето на некои од демократите. Сепак, коментарите како тие на сенаторот Тед Круз сугерираат дека поддршката за Трамп може да ослабе ако царините донесат преголем политички и економски трошок.