1016 hPa
77 %

15 °C
Скопје - Сре, 21.05.2025 04:10
Од 15 октомври 2022 во рамки на PrivatePrint VR Studio, можете да ја погледнете изложбата Eris („Ерида“) од Ема Велковска.
Врската што ја прави Ема Велковска, меѓу дигиталниот свет и божицата од грчката митологија Ерида, е многу прониклива. Ерида е божица на раздорот и хаосот и нè потсетува на митот за јаболкото на раздорот што доведе до познатата Тројанска војна, во таа насока дигиталниот свет, особено светот на социјалните медиуми, лесно може да личи на оваа приказна. „Ерида“ е виртуелна изложба за новите реалности, новите услови за живеење и за денешниот човек. На свој начин, Ема објаснува дека животот со технологијата се пресекува со хаосот. Таа додава дека хаосот е широко прифатен како негативна состојба дефинирана со замор, анксиозност и несоница. Сепак, во исто време, тоа е природна состојба на постоењето што нè одржува во живот или ни дава сила да преживееме и да се трансформираме.
На изложбата, посетителот е добредојден да ја доживее оваа конфузност како прошетка во еден стан - сервер со премногу информации од виртуелни форми и текстури, придружена со звуци и женски глас.
ТИМ уметница: Ема Велковска | 3-Д дизајнер: Борко Хаџиевски | куратор: Илија Прокопиев | програмер: Милан Насевиќ | организаторка: Марија Христова | музика: Сашо Пуцковски / Noitu | приказна: Калија Киселички | посебна благодарност до: Емилија Видовиќ, Небојша Васовиќ и Игор Пачемски
ERIS VR EXHIBITION >>> LINK
PrivatePrint - VR Studio е колаборативна програма за курирање и дизајнирање виртуелни изложби. Програмата е започната по идеја на архитектот и 3Д-дизајнерот Борко Хаџиевски, еден од основачите на PrivatePrint Studio и наш долгогодишен соработник, кој ја изработи виртуелната верзија на нашето студио. На даден предлог од уметник, тимот на PrivatePrint - VR Studio курира, моделира и просторно дизајнира изложба целосно поставена во виртуелниот простор.
VR Studio 2022 е кофинансирано од Министерството за култура на Северна Македонија и е овозможено преку активностите во серијата средби PrivatePrint Meets, финансирана преку Prince Claus Network Partnership Programme.