Суровини

Цените стабилни, мрежите под притисок: Регионот пред летен енергетски тест

Автор: Наташа Хаџиспиркоска Стефанова

19 јуни 2025, 06:00

Денеска еден мегават-час електрична енергија на берзата Хупекс се тргува по цена од 90 евра

ИЕА прогнозира дека цените ќе се движат околу 100 евра за мегават во текот на летото

Вистински предизвик за регионот се мрежите

Цените стабилни, мрежите под притисок: Регионот пред летен енергетски тест

Depositphotos

Наташа Хаџиспиркоска Стефанова
Новинар

Прогнозите за долго топло лето носат очекувања за раст на побарувачката на струја. Клима-уредите заедно со вештачката интелигенција ќе придонесат за раст на потрошувачката. Сепак сите прогнози одат во правец на тоа дека тоа нема да има силно влијание на цените во текот на третиот и четвртиот квартал, но стабилноста на мрежата ќе биде вистинскиот предизвик.

Денеска еден мегават-час електрична енергија на берзата Хупекс во Унгарија се тргува по цена од 90 евра. Во последните триесет дена најсилни осцилации на цената на струјата имаше кон крајот на мај, кога се искачи до 126, па се спушти до 29 евра за мегават-час (недела, 25 мај).

Прогнозите за цената на електричната енергија во Европа за следниот период се дека нестабилноста ќе продолжи, но нагли промени нагоре не се очекуваат. Според проекциите на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), во текот на летово цените најмногу би оделе до 100 евра за мегават-час или околу ланските нивоа, кои се значително пониски од 2022 и 2023 година, но и натаму се повисоки од пред пандемијата.

Поголем проблем од цената на струјата летово ќе биде стабилноста на електроенергетските мрежи. Во дневните часови во сите земји има вишок на електрична енергија, која главно се должи на инвестицискиот бум во соларни централи. Тие вишоци ќе бидат вистински предизвик за систем-операторите. Извештаите за овој регион велат дека поради силната меѓусебна поврзаност, ранливоста на електроенергетските системи е голема.

Колку е ранлив регионот?

По масовниот прекин што на крајот на април остави 50 милиони луѓе во Шпанија и во Португалија без струја, Институтот за енергија на Југоисточна Европа (ИЕНЕ) со седиште во Грција предупреди дека овој регион е многу ранлив, а најранливи се системите што во голема мера се потпираат на обновливи извори на енергија.

„Електроенергетските мрежи во Југоисточна Европа - особено оние на Грција, Бугарија, Романија, Србија, Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Хрватска и Косово - се сè повеќе меѓусебно поврзани, како и со поширокиот европски електроенергетски систем. Оваа интеграција носи предности, како подобрена стабилност на мрежата и можност за увоз на струја во услови на недостиг. Но таа создава и заеднички ранливости. Значителен прекин во еден дел од регионот, без разлика дали поради технички дефект или нестабилност во протокот на електрична енергија, може да предизвика верижна реакција преку границите, особено при висока побарувачка или неурамнотежено снабдување“, се наведува во анализата на Институтот.

Растот на обновливите извори е клучен за декарбонизацијата и долгорочната одржливост, но високото учество на променливи извори како ветерот и сонцето може да ја загрози стабилноста на мрежата доколку не е придружено со доволен капацитет за складирање, флексибилно производство од големи термални централи (гас, јаглен, нуклеарки) и управување во реално време, се наведува во анализата на ИЕНЕ.

„Настанот на Пиринејскиот Полуостров може да послужи како предупредување што може да се случи кога мрежите работат блиску до своите граници на издржливост, без доволен резервен капацитет и со недоволна контрола на флуктуациите кај обновливите извори“, предупредува Институтот.

И од вишокот боли главата

Масовен прекин на струја веќе ѝ се случи на Македонија пред еден месец. На 18 мај близу половина од територијата на земјата остана без струја. Прекинот во снабдувањето со струја настана во раните утрински часови откако се случил дефект и краткотраен испад на 110-киловолтната преносна мрежа. Причината за овој прекин, електропреносниот систем оператор МЕПСО ја лоцира во „високите напони на 400-киловолтната мрежа во целиот регион, што го афектираше нашиот систем и го предизвика краткотрајниот испад“.

Објаснувајќи го македонскиот масовен прекин на струја, МЕПСО тогаш соопшти дека „се работи за регионален и европски проблем со кој се соочуваат речиси сите преносни систем-оператори поради нискиот транзит и конзум на електрична енергија во текот на ноќните часови и викендите во овој период од годината“.

Уште пред да дојде до испадот, Министерството за енергетика, МЕПСО и Регулаторната комисија за енергетика најавија дека летово ќе има проблеми. Ризик за испад на македонската мрежа имало уште за време на велигденскиот продолжен викенд, кога надлежните институции донесоа одлука да исклучат дел од соларните централи. Во тие сончеви денови кога потрошувачката беше ниска, за вишокот произведена струја немало купувачи, а се јавила опасност од колапс на системот. Затоа дел од фотоволтаиците остана надвор од мрежата.

Сепак, според експертите, проблемот е многу посложен. Не е во прашање само вишокот струја што се создава во сончевите денови, објасни за „Блумберг Адрија“ Никола Битрак, главен извршен директор на КОЛЕНКО (COLENCO) и член на македонската асоцијација за сончева енергија „Солар Македонија“.

„Проблемот во системот настанува не само од вишокот струја туку и од несоодветни напонски состојби односно пренапони, инерција на мрежата, која со оглед на тоа што во системот недостигаат вртливи машини, создава проблеми со синхронизацијата и пад на фреквенцијата. Со самото тоа, кога системот паѓа во нестабилен режим, следува исклучување на производствените единици, особено на фотонапонските електроцентрали“, вели Битрак.

Инвестиции во паметни мрежи и батерии за складирање

Иако во последните години се инвестира во мрежната инфраструктура, системската ранливост и натаму е присутна, затоа, според професорот на Машинскиот факултет во Скопје Ристо Цицонков, мора да се отстранат техничките бариери што можат да му пресудат на инвестицискиот бум во обновливи избори на енергија.

„Треба целокупниот енергетски систем да се контролира на многу пософистициран начин преку таканаречените паметни мрежи (smart grids). Со нив доаѓа до урамнотежување на оптоварувањето и евентуална автоматска заштита со исклучување. Во моментите кога има вишок електрична енергија од обновливи извори (сонце и ветер) не треба производството да се стопира, туку вишокот да се складира“, објаснува професорот.

Батериските системи што овозможуваат складирање на вишокот струја, засега, имаат способност за чување струја во период од два до четири часа, но технологијата брзо се развива и очекувања се дека брзо ќе се зголеми времетраењето за складирање.

Складирањето струја е едно од најважните решенија за предизвиците со кои се соочуваат електроенергетските мрежи, рече за „Блумберг Адрија“ Димче Јанковски, менаџер за продажба на системи за складирање електрична енергија во компанијата ТАБ MAK од Пробиштип. Компанијата е ќерка на словенечкиот производител на батерии ТАБ и е членка на македонската асоцијација за сончева енергија „Солар Македонија“.

„Нивната способност да складираат вишок енергија, особено од обновливи извори како што се соларните централи, и да ја вратат таа енергија во мрежата кога потрошувачката е поголема, овозможува постабилно балансирање на мрежата. Освен тоа, батериите придонесуваат за намалување на оптоварувањето во периоди на врвна потрошувачка, со што се спречува преоптоварување на мрежата во критични моменти. Дополнително, овозможуваат полесна и побезбедна интеграција на обновливите извори, кои по својата природа се непредвидливи и нестабилни“, објаснува тој.

                     

  

 

Сите новости од рубриката Пазари

Пазари

Зошто се случува лудилото со мем-акции?
Берзи

Зошто се случува лудилото со мем-акции?

Акциите на одредени компании нагло растат, а потоа брзо паѓаат, и тоа не поради промени во нивните основни бизниси, туку затоа што стануваат преокупација на неколку познати личности на социјалните медиуми.

пред 18 часа

сите новости од рубриката Пазари

Регистрирајте се за да продолжите со читање. Регистрирајте се

Продолжете со читање со одбирање на една од опциите подолу

БЕСПЛАТЕН НАЛОГ

Прочитајте го овој и уште четири други текстови (не се однесува на премиум текстови)

Бесплатен билтен

Регистрирај се

Претплата

Неограничен пристап до премиум содржина на сите 5 портали

Неограничен пристап до ТВ и видео содржина

Ексклузивни приказни и анализи од Businessweek Adria

Истражете ги понудите

Активирајте уште една бесплатна статија и продолжете со читање.

Отклучи сега

Искористивте еден бесплатен текст.

Го цениме вашиот интерес за веродостојни информации. Активирајте уште една бесплатна статија и продолжете со читање.

Отклучи сега

Искористете ја ексклузивната понуда денес! Читајте неограничено за 1 € неделно.

Добијте неограничен пристап денес

Продолжете

Искористете ја ексклузивната понуда денес! Читајте неограничено за 1 € неделно.

Истражете ги понудите

Вашите конкуренти веќе го знаат ова. Дали ќе останете тивки?

Приклучете се сега за само 11 € месечно!

Истражете ги понудите