Свет

(Видео) Масовен руски напад врз Киев, загинаа луѓе: „Истрелаа 215 дронови и проектили“

Украинскиот пратеник Олексеј Гончаренко за Би-Би-Си изјави дека синоќешните напади врз Украина биле „навистина страшни“ и дека не верува дека мирот е блиску. Во овој напад на Киев, загинаа две лица, а 77 се повредени.

Гончаренко во интервју за програмата „Тудеј“ нагласи дека Украина сака што поскоро да стави крај на војната, но нагласи дека има голем број непремостливи црвени линии.

„Нема да ги признаеме окупираните територии како дел од Русија и бараме безбедносни гаранции во секој мировен договор“, рече Гончаренко.

Говорејќи за потенцијалната улога на американскиот претседател Доналд Трамп во мировните напори, Гончаренко додаде:

„Се надевам дека Трамп ќе разбере дека за постигнување мир не е доволно да се врши притисок само врз Украина, туку и врз Русија.

Во текот на ноќта Русија истрела вкупно 215 проектили и беспилотни летала кон Украина, соопшти утрово украинското воздухопловство преку соопштение.

Нападот вклучуваше:

11 балистички ракети
55 крстосувачки ракети
4 плански бомби
145 дронови.

Од нив, според украинската војска, биле соборени 48 проектили и 64 беспилотни летала, додека 68 беспилотни летала се „изгубени“, веројатно поради дејствијата на украинските системи за електронско војување кои успеале да ги дезориентираат или пренасочат.

„Главната насока на нападот беше Киев“, соопшти украинската армија.

Властите во главниот град претходно известија дека во нападот загинале најмалку девет лица.

На почеток