Култура
Хуманитарна изведба на претставата „Гласови“ од театарот „Чекори“ на Светскиот ден на театарот

По повод Светскиот ден на театарот, Театар „Чекори“ ќе ја изведе претставата „Гласови“ во Домот на култура „Димитар Влахов“ во Автокоманда, Скопје.
Претставата е закажана за четврток, 27.3.2025, во 20 часот.
Настанот ќе биде од хуманитарен карактер, а собраните средствата ќе бидат донирани во фондот за помош на настраданите и повредените oд Кочани.
Влезот за претставата е бесплатен, но ќе биде поставена кутија за донации, каде што секој што сака, може да придонесе според своите можности.
Режисер на претставата е Маја Ѓурчевска, актерската екипа ја сочинуваат Марко Џамбазоски и Никола Димевски, а тон и светло мајстор е Рој Стефанова.
Пораки за светски ден на театарот читаат: Никола Кузманоски, Зорица Станковска и Михаил Митески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Во среда врачување на наградата „Роман на годината“ на Калина Малеска

Во среда (28 мај), со почеток во 20 часот, во просторот на бифето на Драмскиот театар во Скопје ќе се одржи свеченото врачување на наградата „Роман на годината“ за 2024 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културата „Славко Јаневски“.
Годинашен лауреат е романот „Светот што го избрав“ („Или-или“) од Калина Малеска, а оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Лидија Димковска, Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева.
На свеченоста ќе настапи и џез бендот на Гоце Стевковски.
Наградата „Роман на годината“, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД скопје, се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ во вредност од 150.000 денари.
Годинава наградата „Роман на годината“ се доделува по 26-ти пат. Минатогодишен лауреат беше романот „Единствен матичен број“ („Три“) на Лидија Димковска.
Култура
Македонија зборува со музика, душа и почит – Симон Трпчески со „Македонисимо“ одржа концерт во Рим

Македонскиот пијанист Симон Трпчески со „Македонисимо“ во Рим одржа концерт во рамки на манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“, којашто повеќе од 5 децении се одржува во вечниот Рим, каде што во црквата „Сан Клементе“ бил погребан Свети Кирил, еден од најголемите просветители и духовни столбови на словенскиот свет.
На настанот присуствуваше и претседателкта, Гордана Сиљановска-Давкова, како и министерот за култура, Зоран Љутков.
Во своето поздравно обраќање пред концертот, министерот се осврна на пијанистот Симон Трпчески и квинтетот „Македонисимо“, на кој беа изведени дела од Едвард Григ, Петар Илич Чајковски и македонскиот композитор Панде Шахов.
„Имаме особена чест да уживаме во интерпретацијата на еден од најистакнатите амбасадори на македонската култура, пијанистот Симон Трпчески. Симон со својата уметност не го освојува само светот, туку во секој тон, во секој акорд, на секоја сцена ја раскажува приказната за нашата земја, за нашата радост, тага, за нашата упорност. Тоа што тој го носи на сцената не е само музика – тоа е душа, тоа е Македонија. Секој негов настап е сведоштво дека уметноста е универзална, дека таа обединува и воздигнува и дека токму преку неа се среќаваат духовното, боженственото и човечкото. Затоа нека вечерашниот концерт биде нашата современа молитва, не со зборови туку со музика. Нека таа зборува таму каде што зборовите замолкнуваат. Нека делото на Свети Кирил и понатаму нѐ води низ вековите, низ културата и низ срцето на народот, затоа што јазикот ни е дом, културата ни е светлина, а заедништвото – сила“, порача Љутков.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, како член на државно-црковната делегација предводена од претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, по повод чествувањето на денот на светите браќа Кирил и Методиј, претходно го посети и гробот на папата Франциск, а положи свежо цвеќе и пред спомен-плочата на македонски јазик во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
Култура
(Видео) Филмскиот фестивал во Кан заврши, Златната палма ја доби ирански филм

Филмот „Тоа беше само несреќа“ (It Was Just an Accident) на иранскиот режисер Џафар Панахи ја освои Златната палма, главната награда на Канскиот филмски фестивал, во саботата.
Панахи, кој неколку пати беше апсен поради неговата режисерска работа, последен пат лично присуствуваше на фестивалот во 2003 година, кога неговиот филм Crimson Gold беше прикажан во категоријата Un Certain Regard.
„Уметноста ја мобилизира креативната енергија на најскапоцениот, најживиот дел од нас. Тоа е моќта што ја претвора темнината во простување, надеж и нов живот“, рече претседателката на жирито Жулиет Бинош при објавувањето на наградата.
„Тоа беше само несреќа“ со приказната го следи Вахид кој киднапира човек со вештачка нога кој изгледа исто како оној кој го мачел во затвор и му го уништил животот. Вахид и другите преживеани затвореници се обидуваат да утврдат дали ова е навистина нивниот мачител и што да прават со него.
Гран-при, второто највисоко признание по Златната палма, му беше доделено на филмот Сентиментална вредност на угледниот режисер Јоаким Трир.
На 78. Кански филмски фестивал се натпреваруваа 22 филма, а меѓу нив беа и филмовите на познати режисери како Ричард Линклејтер, Вес Андерсон и браќата Дарден.