Аналитичарот Бешири: Западот ќе мора да избере – или да ги поддржи српските граѓани и реформите или да продолжи да го одржува Вучиќ како „партнер за стабилност“

Србија „флертува“ со Русија, а испорачува оружје на Украина: „Белград мора да запре и јасно да се позиционира како европска држава - веќе не е прашање на избор, туку на опстанок во современиот свет“

од Nikola Popovski
75 прегледи

Сè повеќе српски граѓани се уморни од двете лица на Вучиќ – едното за јавноста, а другоѕо за лична корист. Додека тој ја игра улогата на голем сојузник на Русија на митинзите, зад сцената соработува со Западот, вклучително и во воениот сектор. Повеќето проевропски граѓани ја поздравуваат секоја соработка што ја доближува Србија до стандардите на ЕУ и НАТО, но проблемот е што тој сето ова го прави без транспарентност, кршејќи ја сопствената реторика и измамувајќи ги сопствените граѓани. Ова веќе не е политика, тоа е цинизам на власт со цел да се остане на власт што е можно подолго, вели политикологот од Србија и директор на „Институтот за европски работи“, Наим Лео Бешири во разговор за „Локално“ во однос на информациите на Руската служба за надворешно разузнавање од 29 мај за српските одбранбени компании што го снабдуваат официјален Киев со муниција, што е во спротивност со прокламираната неутралност на Србија.

Соговорникот констатира дека Русија веќе дејствува во Србија преку медиумите, разузнавањето, финансиите, екстремистите и антизападните актери.

-Нема потреба да „удира“ бидејќи долго време ги влече конците. Но, ако процени дека Вучиќ повеќе не е корисен, јавно ќе го дискредитира и ќе се залага за протести, нестабилност и хаос. Тоа е цената на годините флертување со Кремљ. Србија мора да го запре ова и јасно да се позиционира како европска држава. Веќе не е прашање на избор, туку на опстанок во современиот свет, оценува Бешири запрашан каде може Русија „да ја удри“ Србија по овие сознанија за испорака на оружје.

Политикологот се согласува дека Србија долго време седи на две столчиња и тие веќе почнуваат да се оддалечуваат. Според него, земјата секој ден губи сè повеќе кредибилитет во Брисел.

-Не можете да зборувате за интеграција во ЕУ и да избегнувате санкции врз агресорот. Во одреден момент, Западот ќе мора да избере: или да ги поддржи граѓаните и реформите, или да продолжи да го одржува Вучиќ како „партнер за стабилност“. Но, оваа стабилност е вештачка и минлива. Протестите во Србија го докажуваат тоа. Меѓународен удар врз режимот на Вучиќ нема да биде изненадување, туку неопходност, ако продолжи симулацијата на демократијата, објаснува Бешири.

За односот на ЕУ кон нашиот северен сосед, соговорникот анализира дека Брисел води политика на „стабилократија“, поддржувајќи ги автократите сè додека не ја нарушат пошироката слика. Тврди дека Вучиќ го знае ова и го злоупотребува.

-Но, тоа е кратковида политика. Јадар и слични проекти нема да успеат во земја каде што граѓаните немаат доверба во институциите и каде што сè се прави против јавноста. ЕУ мора да разбере дека прво се потребни институции, а потоа рудници: Србија не може да се интегрира без демократија, слободни медиуми, владеење на правото и фер избори. Без тоа, наместо ЕУ во Србија, ќе добиеме нова Белорусија во срцето на Балканот.

Србија има иднина само ако недвосмислено се определи за Европа, во однос на вредностите, политиката и безбедноста. Сè друго е губење време и животи, заклучува политикологот.

Компаниите од Србија кои Москва ги обвинува за извоз на муниција во Украина заработуваат стотици милиони евра, објави српска „Nova ekonomija“, наведувајќи дека нецелосниот список објавен од Руската служба за надворешно разузнавање (СНР) вклучува државни гиганти, но и приватни компании поврзани со владејачката Српска напредна партија (СНС). „Покривањето на антируските дејствија е едноставна шема која користи лажни сертификати на крајни корисници и земји-посредници. Земјите од НАТО, првенствено Чешка, Полска и Бугарија, најчесто се појавуваат во оваа улога. Во последно време, за оваа цел се користат и егзотични опции со африкански земји“, според соопштението на СНР, кое крена бура во Србија.

Оваа служба ги обвини компаниите „Југоимпорт СДПР“, „Зенитпром“, „Крушик“, „Софаг“, „Рејер ДТИ“ (Рејер), „Слобода“ и „Први Партизан“, заедно со „други“ компании кои не беа именувани, за извоз на оружје во Украина.

Додека некои од нив се државни гиганти за производство на оружје, другите компании на списокот се регистрирани за трговски или консултантски активности.

Н.П.

Слични содржини