Фон дер Лајен: ЕУ е подготвена да воведе санкции против Русија истовремено со САД
- Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Европската унија е подготвена да воведе санкции против рускиот претседател Владимир Путин истовремено со САД, со цел да изврши притисок врз него во мировните преговори.

Берлин, 4 јуни 2025 (МИА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Европската унија е подготвена да воведе санкции против рускиот претседател Владимир Путин истовремено со САД, со цел да изврши притисок врз него во мировните преговори.
„Разговаравме како можеме истовремено да примениме европски и американски санкции против Путин ако не седне на преговарачка маса“, рече таа, пренесува Политико.
ЕУ моментално го подготвува 18-от пакет санкции против Русија, а според фон дер Лајен, фокусот е на рускиот енергетски сектор и прекинувањето на изворите на руско финансирање. Се очекува санкциите да вклучуваат мерки против компании поврзани со двата гасовода „Северен поток“ меѓу Русија и Германија.
По средбата со американскиот републикански сенатор Линдзи Греам, претседателката на ЕК изјави дека е задоволна од неговите планови за притисок врз Русија.
Според законот за санкции, чиј коавтор е Греам, ќе се воведат царини од 500 проценти за стоки увезени од земји што се уште купуваат руски фосилни горива и други производи. Тоа значи дека, доколку Американците одлучат да воведат санкции, тогаш тие царини од 500 проценти ќе бидат вклучени во нивниот пакет, истакна претставник на ЕК.
Портпаролката на претседателот на ЕК, Паула Пињо, изјави дека американските и европските санкции не можат да бидат идентични, но дека идејата е да се спроведат во што е можно поголема координација. зш/