ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
21.02.2022
Говорот на телото – трикови за полесна невербална комуникација

Говорот на телото е нешто за кое сите имаме слушнато, имаме груба претстава за што станува збор и како функционира, но сепак треба малку подлабоко да се истражи и да се примени во пракса. Еве неколку трикови поврзани со говорот на телото кои секој што зборува јавно треба да ги знае.

Без разлика дали сме свесни или не, нашите тела го пренесуваат тоа што го мислиме и тоа го прават многу поефикасно од зборовите.

Кога седиме на деловна маса и имаме состанок, добиваме потсвесни знаци и почнуваме да ги имитираме другите. Кога некој зева, тоа го прават и другите. Зевањето само по себе не е заразно, ама говорот на телото е.

Имајќи го тоа на ум, ајде подетално да видиме како функционира говорот на телото, па доколку некогаш имате јавен говор, ова ќе ви помогне поефикасно да ја пренесете вашата порака.

Како функционира говорот на телото?

Се вели дека говорот на телото е многу постар од самиот јазик. Дури и во праисторијата човекот комуницирал само со говорот на телото или невербални знаци како што се искажувањето на среќа со насмевка. И денеска многу лесно може да прочитаме како се чувствува еден човек само доколку го погледнеме.

Комуникациските вештини бараат процесорка моќ и го активираат мозокот да работи многу повеќе. Дури пред 50.000 години почнал да се развива јазикот кој го користиме денес, а сепак секогаш е придружуван со говорот на телото. На пример луѓето кои се обидуваат да лажат го користат вербалниот говор, ама телото може да ги издаде.

Трикови кои треба да ги знаете за да ги споите говорот на телото со вербалниот говор

  1. Пресликување

Пресликувањето е еден од најголемите отворени светски тајни за јавното говорење, особено кога станува збор за говор во мали интимни средби. Идејата е дека може да изградите однос со некого на начин на кој што ќе го пресликате неговиот говор на телото. Ова е препорачливо само доколку треба да имате говор во мали средини и ќе ве натера да обрнете внимание како се разликува вашиот говор на телото од соговорникот.

  1. Искористете го целиот простор кој ви е даден

Така ќе имате чувство на удобност во просторот каде што се наоѓате. Сите сме виделе огромни презентации каде што говорникот стои во едно место и го држи својот говор без да мрдне, а тоа не секогаш изгледа дека личноста се чувствува самоуверено и добро. Наместо да го направите тоа, искористете го просторот кој ви е даден и ќе имате многу подинамична изведба, а и вие ќе се чувствувате самоуверено.

  1. Не користете еден тон на глас додека зборувате

Ако некој зборува со монотон глас, шансите никој да не го слушне што зборува се многу големи. Затоа секогаш кога зборувате јавно менувајте го вашиот тон на гласот и зборувајте со емоции. На пример доколку сакате да пренесете клучни точки, слободно повишете го вашиот тон на гласот за да привлечете внимание дека нешто важно следува. Тоа ќе им помогне на луѓето да ве следат со внимателност, па можеби и да се приклучат во дискусијата.

  1. Искористете го правилно даденото време

Како што е важно да го искористите просторот во кој што се наоѓате, исто така многу важно е да го искористите и времето кое ви е дадено за зборување. Испланирајте го времето и користете кратки паузи меѓу речениците, но внимавајте да не претерате бидејќи предолгото паузирање може да предизвика чувство на досада и напнатост.

  1. Користете ги рацете

Откако ќе завршите со говорот, наместо да се тргнете од сцената и да седнете, искористете ги рацете и ракувајте се со луѓето кои ве слушале. Секако доколку станува збор за јавен говор на мала група. Така ќе дадете чувство на топлина и ќе знаете како се чувствуваат луѓето после вашиот говор.

Сега ги споивме говорот на телото со вербалниот говор, па останува на вас да направите комбинација од сето ова и да се покажете во најдобро светло кога ќе биде тоа потребно.

(Видео) Д-р. Марија Димитровска – Колку студентите се вклучени во научни истражувања?
Жените во науката сѐ уште се соочуваат со предизвици и дискриминација