• Горан Упале

Eкипата на Брера ја оствари зацртаната цел оваа сезона и остана во елитното друштво во мак-фудбалот. По завршувањето на шампионатот во ПМФЛ спортскиот директор на клубот Јован Симиќ во опширно интервју за клупската веб-страница зборуваше на повеќе теми, а меѓу другото откри дека Брера, по трансферот на Трајков, многу веројатно ќе продаде уште неколку млади фудбалери со кои ќе биде срушен трансфер-рекордот.
„Трајков направи рекорден трансфер и јас мислам дека тој рекорд наскоро ќе го пробиеме бидејќи планирани се уште неколку продажби ова лето, но ние не се брзаме оти тргнавме во еден добар правец. Постојат некои понуди, се зборува, се преговара. Мислам дека сме на вистинскиот правец и во овој летен преоден рок од продажба на млади фудбалери да направиме буџет кој ќе ни биде доволен за нашата цел а тоа е напад на врвот на прволигашката табела.
Тоа е целта на проектот, да бидеме самоодржливи да функционираме врз база на градење млади квалитетни фудбалери кои ќе добијат квалитетни кариери . За нас е многу важно каде нашите деца ќе продолжат со кариерите. Не сакаме да продаваме фудбалери за џабе, на било кој и било каде. Ние сакаме да се увериме дека тој клуб е навистина добар проект, како на пример што беше Полисја. Пазарот е специфичен, но ќе кажам има три или четири играчи кои привлекуваат огромно внимание од клубови од Европа, Азија и од Америка. Разговараме и преговараме и се надевам дека ќе се радуваме овој преоден рок, бидејќи ќе се види силата на Брера и како се работело во академијата“ кажа Симиќ
Трајков во следната сезона ќе ги брани боите на Житомир од Украина, а овој трансфер беше рекорден за Брера, бидејќи заработи 300.000 евра.
Комплетното интервју на Симиќ можете да го прочитате на ОВОЈ линк.