Свет Ненадејно

Поплави во САД: Евакуирани две основни училишта, издадено итно предупредување

Регистрирани се неколку спасувачки операции, вклучувајќи ја и евакуацијата на околу 200 ученици и наставници од основното училиште Вестернпорт, кои беа транспортирани со моторни чамци до блиската црква, соопштија локалните власти.

Поплави во САД: Евакуирани две основни училишта, издадено итно предупредување

Предупредување за ненадејни поплави е издадено за делови од северозападен Мериленд, каде што обилните дождови предизвикаа поплави и ги принудија властите да евакуираат две основни училишта.

Најкритични подрачја беа Вестернпорт, Лук и Бартон, во округот Алегани, каде што наврнаа до 13 сантиметри дожд, а количината на врнежи достигна брзина од 2,5 до пет сантиметри на час, пишува Еј-Би-Си Њуз.

Регистрирани се неколку спасувачки операции, вклучувајќи ја и евакуацијата на околу 200 ученици и наставници од основното училиште Вестернпорт, кои беа транспортирани со моторни чамци до блиската црква, соопштија локалните власти.

Учениците од основното училиште „Џорџ Крик“ беа евакуирани во блиското средно училиште, додека учениците од средното училиште „Вестмар“ останаа во зградата и се засолнија на безбедно место.

Многу патишта се затворени поради поплави. Засега нема повредени. Властите ги повикаа граѓаните да не се обидуваат да возат низ поплавените патишта и да ги избегнуваат погодените области. Повеќе од 15 милиони луѓе во средноатлантскиот регион остануваат под предупредувања за можни поплави и обилни дождови.

Предупредување за поплави е на сила и за делови од источна и централна Северна Каролина, источна Вирџинија, Западна Вирџинија, западен Мериленд и централна Пенсилванија, вклучувајќи ги градовите Рали, Ричмонд и Хагерстаун. Се очекуваат обилни врнежи од дожд и можни силни грмотевици со град, силни ветрови и повремени торнада, особено во делови од Северна Каролина и Вирџинија. Најобилни дождови се очекуваат во Мериленд, Делавер и Пенсилванија.  (МИА)

To top