Домаќинот на СП 2034 сака контролен дуел со Македонија

Македонската фудбалска репрезентација ќе го искористи слободниот термин во квалификациите за Светското првенство 2026 за одигрување на пријателски натпревар против селекцијата на Саудиска Арабија.

Арапската селекција која ќе биде домаќин на Светското првенство во 2034 година ќе биде на подготовки во Чешка во септември, каде што ќе одигра неколку контролни средби во рамки на подготовките за четвртата, дополнителна рунда од азиските квалификации, која е закажана за октомври. Саудиска Арабија не успеа директно да се пласира на Мундијалот и сега ќе се обиде да обезбеди билет преку дополнителната фаза.

ФФМ има покана за одигрување пријателски натпревар со Саудиска Арабија на 4 септември, на неутрален терен во Чешка. Иако официјална потврда од македонската фудбалска федерација сè уште нема, со оглед на тоа што „рисовите“ се слободни во тој термин, а следниот квалификациски дуел против Лихтенштајн на домашен терен е закажан за 7 септември, се очекува оваа средба да се реализира.

Ова ќе биде трет меѓусебен натпревар на двете селекции. Македонија ќе биде слободна и на 15 ноември, што отвора можност за уште еден пријателски натпревар до крајот на годината, пред квалификацискиот дуел со Велс.