Преблага е казната за убиецот на Теодора: ОЈО ја обжали пресудата на судот во Тетово

Тетовското Обвинителство бара поголема казна за возачот Менсур Пајазити, кој во 2022 година и нанесе смртни последици на Теодора Ристовска, преминувајќи на пешачки премин. Ваквата одлука на Обвинителството доаѓа по одлуката на тетовскиот судија Ељведин Ферати, кој го осуди Менсур Пајазити на две години затвор.

ОЈО Тетово го имале в предвид мислењето на Судскиот совет изнесено во однос на предметот пред тој да биде правосилно завршен. Оттаму велат, со оглед на тоа што во претходната постапка за овој настан во ниту еден момент Обвинителството не се согласило со двегодишна затворска казна, надлежниот јавен обвинител смета дека сепак има простор за корекција на санкцијата.

„Жалбата е вложена поради висината на кривичната санкција, која според обвинителот е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот. Меѓу околностите поради кои обвинителството бара построга казна се особено тешките последици од сообраќајната несреќа, во која пешакот Теодора Ристовска се здоби со тешки телесни повреди од кои потоа почина. Јавниот обвинител одлучи да ја искористи законската можност и да побара од Апелацискиот суд Гостивар да ја преиначи казната во повисока.“ - Основно јавно обвинителство Тетово.

Претходно Судскиот совет пак, се повика на членот 428 од Законот за кривична постапка кој се однесува на забраната за менување на полошо. Првиот човек на советот, Александар Камбовски во „Анализа“ кажа дека се очекува да се испитува работата на Апелација, но откако ќе заврши целиот процес, за кој се очекуваат и жалби на пресудата. Согласно законите, Камбовски вели дека повторено судење за Теодора, може да има во случај да се утврди кривично дело на одредени судии и обвинители кои носеле одлуки за овој судски случај.

„Согласно нашите закони, согласни европските закони и практики на сите судови, кога самообвинет ќе изјави жалба, не може се' натаму во врска со санкцијата да биде на негова штета. Тоа се факти. Не би сакал, сега како да делам правни совети, имајќи в предвид чувствителноста на предметот не би сакал.“ - Александар Камбовски претседател на Судски совет.

Менсур Пајазити во 2022 година ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска во Тетово. Апелација му ја преиначи првичната пресуда од три ипол на две години, со образложение дека Менсур Пајазити бил семеен човек, изразил каење и немал претходни кривични дела.

Судијата Ферати од тетовксиот суд само ја потврди пресудата од Апелација. Во пресудата Судскиот совет не најде правни пропусти.