Македонија
ССНМ: Падот на светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 е одраз на состојбите во Македонија

На Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година Македонија е рангирана на 42. место (од 180 земји) што претставува пад од шест позиции
Оценката на Репортери без граници во нивниот извештај за слободата на медиумите во Македонија е реален одраз на околината во која работат новинарите и медиумските работници во земјава. На Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година според Репортери без граници, земјава е рангирана на 42. место (од 180 земји) што претставува пад од шест позиции.
Токму главните параметри на кои постојано предупредува и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) придонеле за овој пад на индексот на слобода на медиумите.
Како најалармантно го сметаме финасирањето на медиумите, кое е нетранспарентно, недоволно и со одржливост која постојано се доведува во прашање, ги става новинарите и нивниот интегритет подложни на влијание од разни центри на моќ.
Според Репортери без граници, законодавството поврзано со медиумите мора итно да се реформира, односно да се усогласи со европските акти за слобода на медиумите, а потребни се и сериозни напори за заштита од таканаречените СЛАП тужби кои претставуваат механизам за заплашување на новинарите од страна на моќниците, а често доведуваат и до автоцензура.
Во однос на безбедноста нотирани се низа заплашувања и закани кон новинарите, особено оние кои истражуваат сериозни злоупотреби, корупција и криминал, како и дека и покрај напредокот со кревање на свесноста кај институциите околу безбедноста на новинарите потребни се дополнителни подобрувања.
Затоа, ССНМ потсетува на наодите и потребните напори за подобрување на околината за работа на новинарите и медиумските работници, кои беа дел од Декларацијата објавена на почетокот на април, а која произлезе од „Мисијата за скрининг и застапување за работнички и професионални права на новинарите и медиумските работници“, а која ја предводеше генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Беланжер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Манасиевски: Афера – провизии што чинат живот – додека Македонија тагувала, Филипче анексирал договори за да се спаси

„Додека Македонија тагувала и ги броела жртвите од пожарот во тетовската модуларна болница, Венко Филипче анексирал договори за градба за да се спаси. Венко Филипче кој дозволил да се изгради Модуларната болница во Тетово со неогноотпорни материјали, денови по пожарот склучува анекс со фирмата изведувач да ги промени панелите од кои се изградени контејнерите со огноотпорни“, рече Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено Венко Филипче склучува анекс на договор со фирмата која ги гради модуларните болници и ја зголемил цената за 20%, само за да се променат материјалите во другите болници низ државата.
Зошто Венко Филипче побрзал да склучи договор за промена на материјалите од кои се изградени модуларните болници?
Зошто претходно Филипче дозволил таквите болници да се користат, а веднаш по пожарот побрзал да ги промени панелите? Зошто веднаш ја зголемил цената за 20%? Дали тие 20% се причината за пожарот во Тетово и смртта на 14 луѓе?
Дали Венко Филипче морал неминовно да го анексира договорот за 20%, затоа што тие пари претходно завршиле во нечиј џеб?
Од тендерската документација и Основниот договор за набавка на работи бр. 23-1431/17 од 28.05.2021 јасно може да се утврди следново: член 7.3.1 од тендерската документација – договорниот орган во рамките на оваа точка не предвидел разлика, т.е. корекција на цени, туку напротив стои одредба дека цените искажани во понудата на најповолниот понудувач ќе бидат фиксни за целото времетраење на договорот. Во член 3 од Договорот исто така е предвидено дека единствените цени кои се дадени во понудата која е составен дел на Договорот истите ќе бидат фиксни и непроменливи по било кој основ. Следствено член 2 од Анексот бр. 23-1431/63 од 20.12.2021 е во целост спротивен на Основниот договор, па согласно член 116, 117 и 119 во врска со член 39 и 41 од ЗОО е ништовен.
Наместо Министерството за здравство да му наложи на изведувачот сите измени согласно договорот да ги направи и изработи на свој трошок, Министерството за здравство, пазете, му одобрува на изведувачот 20% зголемување на цената! Наместо Министерството за здравство, да бара од носителот да ги урне објектите кои ја загрозуваат безбедноста и да побара да си ги изведе на свој трошок работите, Министерството за здравство склучува анекс со промена на 20% повисоки цени. Ова е против законскиот и ништовен анекс бр.1 склучен и потпишан само од тогашниот министер Филипче.
Овој анекс е склучен на 20.12.2021 година, само две недели пред заминувањето на Филипче од позицијата министер за здравство, бидејќи веќе од јануари 2022 година, МЗ го презема Беким Сали. Анексот никогаш не е објавен на страната на ЕСЈН во делот на измени на договорот.
Оттука се поставува прашањето, зошто Филипче потпишал Анекс кој е целосно спротивен на Основниот договор и согласно одредени Закони, истиот е ништовен? Зошто Филипче не побарал од фирмата изведувач да ги сруши модуларните болници и да направи нови со подобар квалитет и според Законот за градење и Законот за здравствена дејност?
Дали одговорот на сите овие прашања е 20%? И каде завршиле тие? Вистината за Модуларната болница, јавноста мора да ја дознае.
Утре повторно во 12ч, на прес-конференција, нови скандали поврзани со случајот за Модуларната болница, каде сериозно има случај на судир на интереси на лицето коешто ги одобрувало техничките спецификации за модуларните болници кое било поставено директно од Венко Филипче“, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) СДСМ бара оставка од директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски

Во само 11 месеци, ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ го турнаа Фондот за здравство во бездна. Болниците не функционираат, фондот е празен, а системот е на колена, изјави Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ. Таа рече дека бараат оставка од директорот на Фондот, Сашо Клековски.
„Во Кочани – нема ниту завои, ниту инфузии, ниту лекови. Луѓе легнуваат по ходници, се чека со месеци за терапија, а владините партнеру уште не може да се договорат кој ќе биде министер откако диловите во здравството им пропаднаа. Наместо да ги расчисти криминалните тендери, да обезбедат лекови во болниците, да обезбеди вработувања и услови – Владата најавува зголемување на придонесите. Тоа значи: повеќе ќе ви земаат, а уште помалку ќе добиете. Сашо Клековски, директорот на Фондот, отворено зборува дека тоа е следниот чекор. Зголемување на давачките. Нов товар за секој работник, секое семејство, секој стопанственик“, рече таа.
Цветановски прашува каде се парите од придонесите досега и кој профитира додека пациенти страдаат?
„Дали фалат пари само затоа што на две фирми им се даваа огромни буџети од Фондот? Зголемување на здравственото осигурување не е реформа. Тоа е обид за покривање на неспособноста. Кој профитира од страдањето на пациентите? Кој прави бизнис со здравјето на народот? Граѓаните не смеат да ја платат цената за неспособноста на оваа власт. Бараме оставка од Клековски“, рече таа.
Македонија
„Центарска симфонија“ – музички спектакл на 21 јуни во срцето на Скопје

Општина Центар објави Јавен повик за финансиска поддршка на проектот „Центарска симфонија“ – мултимедијален концерт на филмска музика што ќе се одржи на 21 јуни 2025 година, по повод Светскиот ден на музиката.
„Планираме музички спектакл на кој публиката ќе има можност да се потсети на незаборавните македонски шлагери, како и на безвременските филмски мелодии од светската сцена. Овој музички настан ќе не поврзе, ќе не врати низ времето, и да ги разбуди најискрените емоции“, порача градоначалникот Горан Герасимовски
Учесниците на Јавниот повик треба да понудат едночасовна програма со оригинални аранжмани за композициите, изведена од еден машки и еден женски вокал (за соло и дует нумери), како и инструментални изведби на гудачки камерен оркестар, саксофон, флејта и бенд во формација: клавијатура, гитара, бас гитара, тапани и придружни вокали.
Сите заинтересирани здруженија, организации и правни субјекти од областа на културата, уметноста и маркетингот со седиште во Центар можат да аплицираат во рок од 5 дена од денот на објавување на повикот.
Вкупните средства за проектот „Центарска симфонија“ изнесуваат 450.000,00 денари.